Fatjon Cuka
03 Ноември 2023•Ажурирај: 06 Ноември 2023
ТИРАНА (АА) - Албанија во последните неколку часа е зафатена од лошо време со обилни дождови и бура, што предизвика проблеми во повеќе градови во земјата, јавува Анадолу.
Во Тирана и Драч дождот предизвика поплавување на патиштата и проблеми во сообраќајот, а лошото време ги зафати и другите градови во земјата.
Институтот за геонауки на Албанија во соопштение објавено на социјалните мрежи потврди дека во текот на денешниот и утрешниот ден ќе има врнежи со висок интензитет низ целата земја.
„Во областите Скадар, Кукс, Лежа, Драч, Тирана, Елбасан, Фиер, Берат, Корча, Валона и Ѓирокастро може да има поплави на малите планински реки и лизгање на земјиштето. Во урбаните средини, во овие области може да се појават проблеми со локализирана поплава, во зависност од состојбата на канализацијата“, се вели во соопштението на Институтот.
Управата за патишта на Албанија соопшти дека врнежи од дожд со висок интензитет проследени со невреме ја зафатиле земјата, предизвикувајќи потешкотии во сообраќајот на некои патни оски.
Од друга страна, градоначалникот на Општина Тирана, Ерион Велиај, на социјалните мрежи изјави дека во последните неколку часа Тирана е зафатена од силно невреме со обилни врнежи, според него, слично на бурата Цијаран.
Велиај ги повика граѓаните да бидат внимателни во следните часови и додаде дека општинските екипи се на терен за секоја вонредна состојба.