Bojan Bednar
03 Ноември 2023•Ажурирај: 04 Ноември 2023
БЕЛГРАД (АА) - Директорот на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА), Александар Вулин, денеска поднесе неотповиклива оставка на функцијата со образложение дека Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) „ја бараат неговата глава како предуслов за невоведување санкции кон Србија“, јавува Анадолу.
Вулин во соопштението за јавноста истакнува дека српскиот претседател Александар Вучиќ и Србија „се соочуваат со закани и уцени кои може да се споредат само со австроунгарскиот ултиматум од 1914 година“.
Вулин истакна дека од Србија се бара да го признае Косово, „да ја напушти Република Српска“ и со воведување санкции кон Русија да „престане да биде суверена земја и нација“.
„Не сум причина за уцените и притисоците врз Србија и српскиот свет, но нема да дозволам да бидам повод за уцени и притисоци врз Србија и српскиот свет“, истакнува Вулин во соопштението.
Тој наведува дека санкциите што му се воведени од Соединетите Американски Држави (САД) се „доказ за неговата упорна борба за единство на Србите“.
„Одбивам поради која било позиција да станам дел од антируската и антисрпската хистерија, да престанам да се грижам за Република Српска и нејзиниот опстанок и да престанам да верувам во неминовноста на обединувањето на Србите и создавањето на српскиот свет“, порача Вулин.
Тој оцени дека неговата оставка е „мала победа на САД и ЕУ“, но дека е голема победа за него, „бидејќи докажал дека Србија и српскиот народ вредат за секаква жртва“.