Oktaj Omeragikj
27 Декември 2024•Ажурирај: 29 Декември 2024
СКОПЈЕ (АА) - Албанија има за цел да ги затвори сите преговори до 2027 година и да биде подготвена за членство во Европската унија до 2030 година, изјави денеска во Тирана Игли Хасани, албанскиот министер за Европа и надворешни работи, пренесува Анадолу.
Министерот Хасани нагласи дека Албанија годинава направила важни чекори кон европската интеграција и дека следната година има намера да ги отвори сите групни поглавја во преговорите за членство во Европската унија.
Албанскиот министер за Европа и надворешни работи потврди дека неговата земја планира да отвори четири амбасади во 2025 година - во Босна и Херцеговина, Индија, Индонезија и Кенија.
Претседателството на Босна и Херцеговина на седницата одржана на 12 декември годинава даде согласност за отворање на албанската амбасада. Со оваа одлука наскоро Албанија и официјално ќе има амбасадор во Сараево.