Bedrudin Brljavac,Aleksandar Savanovic
27 Декември 2024•Ажурирај: 28 Декември 2024
БЕЛГРАД/НОВИ САД (АА) - Денеска со почеток во 11:52 часот низ Србија и на повеќе локации во Белград се одржаа студентски и граѓански протести „Застани Србијо“, јавува Анадолу.
Неколку илјади луѓе се собраа да им оддадат почит на жртвите од несреќата на Железничката станица во Нови Сад.
Студентите во Белград овој петок повторно се собраа за да ги поддржат средношколците, откако Владата на Србија донесе одлука да го скрати полугодието и да го започне зимскиот распуст една недела порано.
- Солидарност -
„Средношколците дадоа огромна поддршка на нашата борба за остварување на барањата и се солидаризираа. Сега е време да застанеме на нивна страна“, објавија студентите на Електротехничкиот факултет во блокадата.
Во сите основни и средни училишта во Србија зимскиот распуст започна на 24 декември, иако требаше да започне една недела подоцна. Десетици средни училишта во Србија се во блокада. Учениците од завршните одделенија немаа настава и ги поддржаа барањата на студентите кои ги блокираат факултетите.
Студентите потоа одржаа перформанс пред Министерството за образование оставајќи ги учебниците, за да ги поддржат средношколците.
Барањата на студентите се објавување на целата документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, и отфрлање на обвиненијата против студентите, активистите и граѓаните уапсени и приведени за време на протестите за смртта на 15 лица во најголемиот војводински град.
Бараат и поднесување кривични пријави за сите напаѓачи на студенти, професори и граѓани на претходните комеморативни собири и протести.
Освен во Белград, протестот се одржа и во други градови, меѓу кои Ниш, Нови Сад и Ужице.
- Протест во Нови Сад -
Низ Нови Сад, во рамки на акцијата „Застани Србијо“ се одржа петнаесетминутен протест со кој се оддаде почит на 15-те трагично загубени животи како последица од уривањето на покривот на Железничката станица.
Граѓанските протестни собири се одржаа со блокада на неколку градски раскрсници, а матурантите го одржаа својот протест со петнаесетминутно молчење на Плоштадот на слободата.
Неколку стотици студенти, кои се наоѓаат во протестната блокада на факултетитe на Универзитетот во Нови Сад, се упатија кон зградата на Радио-телевизија на Војводина, каде им се придружија на дел од вработените во Јавната медиумска установа на Војводина, кои незадоволни од работата на нивната матичната компанија при информирањето на граѓаните, бараат оставка од главниот уредник на првата програма на РТВ на Војводина, Ненад Чаќиќ.
- Правда во интерес на јавноста -
Се наведува дека граѓаните на Војводина, кои преку данок го финансираат јавниот сервис ЈМУ РТВ, поради ваквата уредувачка политика се лишени од објективно и сеопфатно информирање, анализа на настани, стручни мислења и одговори од надлежните институции.
„Ваквиот однос е особено срамен и неетички кон жртвите на трагедијата и во интерес на јавноста е правдата да биде задоволена“, заклучуваат синдикатите на РТВ на Војводина.
На собирот пред РТВ, на раководството на војводинскиот јавен сервис му било кажано дека повеќе нема да дозволуваат да се игнорираат протестите на граѓаните и студентите и ги повикале сите вработени во таа медиумска куќа да им се придружат во нивните барања.
Во пресрет на протестот, силни полициски сили со опрема влегоа во зградата на РТВ на Војводина во Мишелук за да ги разбијат демонстрациите, но протестот помина мирно и полицијата не интервенираше.