Husamedin Gina
26 Февруари 2019•Ажурирај: 27 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) – Целокупниот регион на Западен Балкан треба да влезе во Европската Унија, секој во сопствениот ритам, секој според сопствените заслуги, рече Натали Лоазо, министерката за европски прашања при Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција, на денешната заедничка прес-конференција со Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата на Северна Македонија, задолжен за европски прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
Натали Лоазо, која се наоѓа во работна посета на Северна Македонија, истакна дека на Европа ѝ е потребен стабилен Западен Балкан, свртен кон спроведување на реформите кон својата иднина и иднината на младите генерации.
„Што се однесува до европската перспектива на Република Северна Македонија, овде сакам да истакнам дека нема никаков сомнеж за нас, ни од историска, ни од географска гледна точка, ниту од цивилизациска, затоа што целокупниот регион на Западен Балкан треба да влезе во Европската Унија, секој во сопствениот ритам, секој според сопствените заслуги“, нагласи Лоазо, додавајќи дека и нам ни е потребна силна и зајакната Европа, затоа ќе треба државите членки на Европската Унија да се реформираат.
„Посетата на Натали Лоазо на Северна Македонија е од историска важност“, рече Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата на Северна Македонија, додавајќи дека Париз е еден од најважните центри во кои се создава иднината на Европа.
„Нашиот пат се движи низ повеќе траектории, а некои од најважните минуваат токму низ Париз, кој несомнено претставува еден од најважните центри во кои се создава иднината на Европа“, наведе Османи, додавајќи дека безбедна, стабилна и силна Европа, со силни ефикасни институции, претставува приоритет за кој несомнено постои заемен интерес меѓу Северна Македонија и Франција.
На новинарско прашање, дали е оптимист дека Северна Македонија ќе добие зелено светло за отпочнување преговори со ЕУ, Натали Лоазо рече дека тоа зависи од проценката што ќе биде направена од страна на Комисијата, нагласувајќи дека Европејците потоа ќе разговараат меѓу себе.
Таа, исто така нагласи дека за отпочнување на преговорите со ЕУ ќе бидат важни информациите кои ќе ги даде Европската комисија, додавајќи дека притоа нема вештачки да ги задоцнуваат преговорите, ниту пак пребрзо ќе ја туркаат земјата за отпочнување на преговорите.