Admir Fazlagic
26 Февруари 2019•Ажурирај: 27 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија беше домаќин на дводневната министерска конференција од „Брдо процесот“, односно на 3. состанок на Управниот одбор на Иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност, јавува Anadolu Agency (AA).
Главна тема на конференцијата беше евалуацијата на досегашното спроведување на Иницијативата за интегрирано управување со внатрешната безбедност (ИИЦГ).
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, во изјава за медиумите рече дека му било задоволство да биде домаќин на своите колеги, министрите за внатрешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ), Косово, Хрватска, Словенија, кои, како што рече, се почитувани пријатели на патот кон европската интеграција на Северна Македонија.
Според министерот Спасовски, со заклучоците на Советот на ЕУ за зајакнување на надворешната димензија на внатрешната безбедност од декември 2016 година, Советот на ЕУ се согласи да даде приоритет на активности за развивање на посеопфатен механизам за справување со безбедносните прашања во регионот на Западен Балкан на начин кој ќе биде компатибилен со пристапот реализиран во рамки на Европскиот циклус на политики.
„Со ова тероризмот и насилниот екстремизам беше инициран во прв столб во оваа Иницијатива, кон кој се припоија уште два други: столб за борба против организираниот криминал и столб за граничната безбедност“, појасни Спасовски.
„Денешната средба, односно состанокот на Управниот одбор на оваа Иницијатива имаше за цел донесување одлуки за натамошниот развој на самата Иницијатива, и директно проширување на составот на Групата за поддршка на ИИСГ со претставници од Западен Балкан“, додаде тој.
Министерот за внатрешни работи на Словенија, Боштјан Поклукар, изјави дека учесниците на министерската конференција дадоа поддршка на досегашната имплементација на ИИЦГ и ги поддржаа сите иницијативи за понатамошна соработка.
„Ме радува што Иницијативата ги надмина границите од процесот и стана еден од најпрепознатливите процеси во регионот. Денес се запознавме со независната евалуација која го потврди нашето работење и начинот на функционирањето на Иницијативата. Наодите и заклучоците ни даваат основа за размислување и процесите кои ќе се одвиваат во следните месеци кои се важни за сите нас“, рече Боштјан Поклукар.
Земјите-учеснички во Процесот Брдо-Бриони се Хрватска, Словенија, Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, како и Црна Гора, застапени од страна на претседателите на овие земји.
Брдо потекнува од Брдо кај Крањ, во Словенија, каде што во 2013 година се одржа првиот состанок на регионалните лидери, и Бриони во чест на ко-организаторот и партнер на формирањето на оваа иницијатива, Хрватска.