СКОПЈЕ (АА) – ФУРКАН АБДУЛА -
„Тука и да нема ниту еден Турчин, турската култура пак ќе живее. Нашата матична земја е Македонија, но нашата татковина е Турција. Ние не доаѓаме од Турција. Ние сме стари османлиски Турци. Нашата татковина е Турција“, истакна проф. д-р Ариф Аго, пензиониран турски научник од Македонија.
Турските просветни работници од Македонија, во разговор за Anadolu Agency (AA), говореа за образованието на турски јазик во Македонија и за актуелните проблеми во образованието.
Проф. д-р Ариф Аго, научник во пензија, е едно од значајните имиња во турското образование, кој почнувајќи од основното образование, па сè до високото образование се образувал на турски јазик. Значен дел од својот живот го има посветено за да воспитува наставен кадар по турски јазик во Македонија и за истражување и испитување на турскиот јазик и турската култура.
Учебниците и граматиката по турски јазик подготвени од страна на Ариф Аго во турското образование се користеле 25 години. Тој е потписник и на научни проекти, студии, статии и преводи.
Исто така, Ариф Аго даде придонес во дипломирањето и докторирањето на голем број студенти. По српската окупација на Македонија, образованието на турски јазик беше прекинато.
„(Со повлекување на Османлиите од Македонија) Со владеењето на Србите во Македонија турското образование беше прекинато. На крајот на 1911 и на почетокот на 1912 година во Македонија и балканските земји турските училиште беа затворени. Две генерации од Турците останаа без образование“, истакна Аго, потсетувајќи дека во 1910-те години во основните училишта часовите се одржувале на македонски и турски јазик.
Според Аго, со повлекувањето на бугарските и германските фашисти, Турците од Македонија на 21 декември 1944 година го добиле правото на образование на својот мајчин јазик. Тој, исто така, нагласи дека на 23 декември почнал да излегува весникот „Бирлик“, а на 26 декември започнало со настава училиштето „Тефејуз“ во Скопје, каде што наставата се одржувала на турски јазик.
Ариф Аго наведе дека поради недостаток на наставници по турски јазик во 1945 година започнале курсеви по педагогија и неколку години се образувале наставници по турски јазик. На тој начин во 1949 година бројот на турски ученици од 3.600 се зголемил на 11-12 илјади.
Првата азбука на турски јазик била објавена во 1945 година, но не била како азбуката што се користела во Турција, туку била слична со хрватската азбука. Според Аго, во азбуката ги немало буквите ç, ş, ö, ü. Во печатницата овие букви се изработувале на посебен начин.
„Азбуката што ја испечатив во 1982 година веќе ги имаше буквите од турската азбука. Не ја именувавме како азбука, туку како „абецеда“. Таа книга беше и азбука и учебник. Книгата беше користена 25 години во турските училишта. Секако, потоа имаше промени“, посочи Аго.
Тој потсети дека во Турската гимназија отворена во 1951 година во Охрид се запишале 45 ученици. Меѓу тие ученици се наоѓал и тој. Овој професор во пензија, исто така, потсети дека при посетата на тогашниот турски министер за надворешни работи, Мехмет Фуат Копрулу, на Југославија, бил потпишан договор со кој во Македонија настанале големи промени и во образованието на Турците, и кај Турците воопшто. Тогаш Аднан Мендерес бил премиер на Турција.
„Со договорот Турците што живееле во Македонија можеле слободно да се иселуваат во Турција. Тогаш бројот на Турците во Македонија беше многу висок. (Во тоа време) според пописот, во Македонија живееле вкупно 1.340.000 лица. Од нив 840 илјади биле Македонци, 230 илјади Турци, 145 илјади Албанци, како и останати други малцинства. Ние Турците по бројност бевме втори“, рече Аго.
Според неговите зборови, поради иселувањето, во Педагошкото училиште од запишаните 45 ученици, дипломирале 10 ученици, а потоа тоа училиште било затворено.
Тој потсети дека во учебната 1961-1962 година во Скопје, во педагошкото училиште „Никола Карев“ повторно биле отворени турски паралелки, но со рушењето на училиштето во земјотресот од 1963 година биле основани привремени објекти (дрвени бараки), а наставата продолжила во тие бараки.
Потсетувајќи дека во 1970 година бил избран за директор на основното училиште „Тефејуз“, Аго нагласи дека имало проблеми дипломираните 120 ученици да го продолжат образованието на турски јазик.
„Во гимназијата „Цветан Димов“ (Скопје) отворивме турски паралелки. Наставен кадар немаше. Нема наставник што ќе предава турски јазик и книжевност. Јас тогаш за да остане гимназијата во Скопје, да може да работи, прифатив да предавам настава по турски јазик. Потоа таа паралелка продолжи со наставата до 1986 година“, рече Ариф Аго.
Toj наведе дека по смртта на претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито, се влошила состојбата на народите во регионот и дека во 1986 година се забранила настава на турски и албански јазик во средните училишта.
„Забраната траеше до 1992 година. Во 1991 година Македонија ја прогласи својата независност. Тогаш турската настава оживеа на сите страни“, додаде Аго.
Потсетувајќи дека во учебната 1964-65 година во Вишата педагошка школа во Скопје е основан Одделот за турски јазик и книжевност, нагласи дека и тогаш имало недостаток на кадар. Тој рече дека по дипломирањето на Одделот за туркологија во Белградскиот универзитет се вратил во Скопје.
Тој изјави дека Одделот за турски јазик и книжевност на Педагошката академија продолжил до 1972 година и во истата година Филозофскиот и Филолошкиот факултет се одделиле во две посебни институции. Одделот за турски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје бил основан во 1976-77 година.
Тоа време поради зголемениот број на студенти, имало потреба од кадар, затоа во 1979 година Аго преминал да предава на Филолошкиот факултет.
- Образованието на турски јазик во Македонија оживува
Присетувајќи се дека се пензионирал на почетокот на 2000 година, Аго рече: „По Катедрата за турски јазик и книжевност во Скопје, исто така била основана и Катедрата за турски јазик и книжевност во Штип. Во Тетово бил отворено Одделот за ориентални студии и на Педагошкиот факултет бил отворен турски дел за одделенски наставници. На Факултетот за драматургија, исто така, беше отворен Оддел на турски јазик. Во институтот „Марко Цепенков“ почна да работи Одделот за фолклор на турски. На тој начин оживеа образованието на турски јазик во Македонија.“
Тој се потсети и дека во Македонија бројот на студенти што посетуваат настава на турски јазик е намален и нагласи дека престана иселувањето кон Турција, а започна иселувањето во западните земји. Аго наведе дека во 1980 година, Факултетот го посетила делегација од Шведска, и од нив добил информации дека на Универзитетот „Лунд“ во Малме имало клас по турски јазик, но требало да се образува наставен кадар.
Меѓу другото, тој посочи дека во 1984 година објавил две книги, учебник и граматика по турски јазик.
„Отидов да предавам таму (Универзитетот „Лунд“). Обучивме наставен кадар. Обучивме околу 10 наставници, а потоа тие почнаа да предаваат во основните училишта во Малме“, додаде Аго.
Во разговорот, Аго раскажа една анегдота со туркологот Ванчо Бошков.
„Еден ден се осмелив и му реков: „Ванчо, ти зошто се одлучи за туркологија? Имаш многу знаење, не можеше ли да избереш друг оддел?“ Можеше да избере. Застана ме погледна во очи и се насмеа. И ми рече: „Ариф, јас сум кавадарчанец. Пораснав меѓу турски деца и го научив турскиот јазик. Но кога отидов во средно го заборавив турскиот јазик. Откако завршив гимназија, за да го обновам турскиот се запишав на Катедрата за турски јазик на Сараевскиот факултет.“ Немаше ли друга катедра, го прашав? Тој ми одговори: „За мене се значајни културите на два народа. Едната е хеленистичката култура, другата е турската. Ако повторно се родам, повторно би го избрал турскиот јазик.“
- „Нашата татковина е Турција“
Аго истакна дека тој, неговата сопруга и двата сина, односно целото семејство имаат дипломирано турски јазик и книжевност.
„Нашата матична земја е Македонија, но нашата татковина е Турција. Ние не доаѓаме од Турција. Ние сме стари османлиски Турци. Нашата татковина е Турција“, истакна проф. д-р Ариф Аго, пензионираниот турски академик од Македонија.
Наведувајќи дека при зборувањето користи повеќе османлиски зборови, Аго рече: „Тука и да нема ниту еден Турчин, турската култура пак ќе живее.“ Меѓу другото, тој рече дека во македонскиот, српскиот и албанскиот јазик се среќаваат многу турски зборови.
„Турците тука оставија белег. Без оглед на тоа што Османллите се повлекле пред 110 години, има многу дела од Османлиите. Анови, амами, џамии, караван-сараи, чешми, мостови сите со турска архитектура“, рече Аго.
- Турското образование во Македонија „рана која крвави“
Д-р Осман Емин, директорот на основното училиште „Тефејуз“ во Скопје, истакна дека образованието на турски јазик во Македонија се соочува со проблеми од аспект на ученици, наставнички кадар и недостаток на книги.
„Ако постојано велиме дека образованието ни е рана која крвави, ние треба да ја откриеме раната, да ја залечиме и повеќе да работиме на образованието“, рече Осман.
Тој истакна дека за здраво образование потребно е современа средина и книги.
„За да можат наставниците да напредуваат, потребно е да се одржуваат одредени семинари за обука“, нагласи директорот на „Тефејуз“.
„Поради зголемувањето на бројот на предметите ги заборавивме децата“, рече Осман и додаде дека во основното и средното образование децата мора 7 часа да се во училиште. Тој посочи дека сите ученици во земјата што посетуваат настава на турски јазик, од прво одделние задолжително учат странски јазик, од четврто одделение официјалниот македонски јазик, додека од шесто одделение задолжително го учат албанскиот како втор странски јазик.
Во разговорот, Емин се осврна на соработката на образовните институции и просветните работници од Македонија со институциите од Турција и рече дека носат книги од Турција, и имаат корист од нив.
„Остануваме на нозе со проектите како што се збратимени училишта, соработка со општини, поддршката од Канцеларијата на ТИКА во Скопје, од Турската амбасада во Скопје. Во однос на образованието, од нив можеме да научиме многу и да го пренесеме на децата. Се обидуваме да нудиме модерно образование“, истакна Осман Емин.
Тој, исто така, нагласи дека образованието е процес и треба да се вреднува на најдобар начин.
„Ние со образованието што го нудиме, всушност воспитуваме деца кои ќе го развиваат турското општество. Ние постоиме за децата и имаме обврска да ги образуваме на најдобар начин. Ако државата тоа не ни го обезбедува вистински, дефинитивно ќе мораме сите примери да ги земеме од Турција, и да ги приспособиме тука“, истакна Емин, додавајќи дека за да можат наставниците да се развиваат себеси во однос на образованието ќе треба да се организираат работилници за обука. Според него, турските наставници од Македонија би можеле да се обучуваат од страна на научници кои би доаѓање од универзитетите во Турција.
„Генерално кажано за да го одржиме нашето постоење тука, ние мораме да го развиеме образованието на турски јазик“, истакна Емин.
- Ден на наставата на турски јазик во Македонија - 21 Декември
Турската заедница во Македонија, на 21 декември 1944 година го доби правото да се образува на мајчин јазик. По прогласувањето на независноста на Македонија и спроведените законски измени на 15 февруари 2007 година, 21 декември почна да се одбележува како официјален празник на Турците во Македонија.
Според пописот на населението од 2002 година, во Македонија живеат околу 80.000 Турци, кои се застапени во бројни сфери на општеството, од образованието до уметноста, од медиумите до невладините организации. Правата на Турците во Македонија на политичко поле ги претставуваат двајца пратеници и еден министер.
На целата територија на Македонија, во 73 образовни центри на ниво на основни и средни училишта, на турски јазик се школуваат околу 8.000 ученици. Околу 500 учители и наставници наставата по повеќе предмети ја држат на турски јазик. Турскиот јазик е официјален јазик во 8 општини во Република Македонија.
news_share_descriptionsubscription_contact
