Dzihat Aliju
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Министерот за здравство на Северна Македонија, Азир Алиу, оствари официјална средба со делегација од Министерството за здравство на Црна Гора, предводена од министерот за здравство, Војислав Шимун, пренесува Анадолу.
Според соопштението од Министерството за здравство, на состанокот одржан во просториите на Министерството во Скопјe, беше потврдена заедничката посветеност за понатамошно унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на евроинтеграциските процеси.
„Нашата држава има воспоставено традиционално добра и пријателска соработка со Црна Гора. На средбата со министерот за здравје на Црна Гора изразивме подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка во сегментот на здравствените системи. Имавме содржајна и конструктивна размена на искуства поврзани со процесот на усогласување на националното законодавство со правото на Европската Унија, како и со динамиката и методологијата на пристапните преговори. Посебно внимание посветивме на поглавјето 28 кое се однесува на јавното здравје, како еден од клучните сегменти во процесот на усогласување со европските стандарди“, истакна министерот Алиу.
На билатералната средба беше истакнато заедничкото учество во Здравствената мрежа на Југоисточна Европа, каде што особено е значајна улогата на регионалниот центар за незаразни болести во Подгорица, како и регионалниот центар за јавноздравствени системи во Скопје, според Министерството.
„Заедно со министерот за здравје на Црна Гора ги разгледавме можностите за натамошна размена на експерти и медицински кадар, соработка во делот на справување со незаразни болести, како и во насока на зајакнување на јавното здравство, дигитализација и размена на добри практики во здравството преку можностите за заеднички апликации во рамки на регионални и ЕУ-програми“, додаде Алиу, според соопштението.
- Министерот Шимун го сподели црногорското искуство во процесот на пристапување кон ЕУ -
На средбата беше нагласена важноста од континуирана институционална соработка, со цел обезбедување одржливи и ефикасни реформи во здравствениот сектор, во насока на унапредување на квалитетот на здравствената заштита и зајакнување на јавното здравје, во согласност со принципите и вредностите на Европската Унија.
Министерот за здравје на Црна Гора, Војислав Шимун, на средбата го сподели црногорското искуство во пристапниот процес кон Европската Унија, со посебен осврт на поглавјето 28, кое се однесува на јавното здравје и чиј процес, како што посочи, според соопштението е значително интензивиран и се наоѓа во завршна фаза на затворање.
Тој информираше и за учеството на Црна Гора во програмата „EU4Health“, при што ги презентираше проектите за кои земјата добила поддршка, изразувајќи подготвеност овие искуства да ги сподели, особено во делот на дигитализацијата на здравствениот систем и користење на европските механизми за поддршка на реформите во здравството.