Fatjon Cuka
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, изјави дека проширувањето на Европската Унија (ЕУ) во Западен Балкан е стратегиска неопходност, пренесува Анадолу.
За време на работата на Делфи економскиот форум во Грција, министерот Хоџа учествуваше на панел-дискусијата на тема „Од ‘мека моќ’ до ‘тешка реалност’: Големото европско ребалансирање“.
Во соопштение од Министерството за Европа и надворешни работи се наведува дека министерот Хоџа нагласил дека додека Европа се приспособува на сѐ понепредвидливиот свет, се појавува потреба да се зачува она што ја дефинира Европа, нејзините вредности и отвореноста кон светот, „истовремено зајакнувајќи го капацитетот за заштита на нејзините интереси на глобално ниво“.
„Ова подразбира постратегиска, поотпорна и поспособна Европа; Европа која ја комбинира својата посебност и нејзините неспорни вредности со способноста да ги спроведува и брани“, изјави Хоџа.
Според шефот на албанската дипломатија, проширувањето на ЕУ, особено во Западен Балкан, не е само политички избор, туку стратегиска неопходност „што ја зајакнува безбедноста, доверливоста и долгорочната одржливост на Европа“.
„Албанија го направи својот избор: да биде дел од Европа, да ги прифати нејзините вредности и да придонесува како составен дел од заедничките европски интереси. Ние остануваме целосно посветени денес и во иднина да направиме сѐ што е во наша моќ за да придонесеме за посилна, пообединета и поефикасна Европа“, изјави министерот Хоџа.