Melike Pala
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Основачкиот договор на НАТО не содржи одредби што овозможуваат суспензија или исклучување на земјите членки, изјави денес официјален претставник на Алијансата, по наводите дека Соединетите Американски Држави (САД) разгледувале мерки насочени против Шпанија, јавува Анадолу.
„Основачкиот (Вашингтонски) договор на НАТО не предвидува никаква одредба за суспензија на членството или исклучување“, изјави официјалниот претставник во писмена изјава за Анадолу.
Коментарите следуваат по наводите во кои се цитира американски официјален претставник, кој тврди дека внатрешна електронска пошта на Пентагон содржи нацрт-план за можни акции против сојузниците кои одбиле да ги поддржат американските воени операции, вклучително и предлог кој се однесува на Шпанија.
Шпанскиот премиер Педро Санчез претходно денес ги негираше ваквите наводи, нагласувајќи дека Мадрид ги заснова своите политики на официјални комуникации, а не на внатрешна кореспонденција.
„Ние не работиме со мејлови, туку со официјални документи и позиции на американската Влада“, изјави Санчез за новинарите пред неформалниот состанок на лидерите на ЕУ во администрацијата на кипарските Грци.
„Позицијата на Шпанија е јасна: целосна соработка со сојузниците, но секогаш во рамките на меѓународното право“, додаде тој.
Шпанија одби да дозволи американски воени бази на нејзината територија или нејзиниот воздушен простор да се користи за операции против Иран, став кој наиде на критики од американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во повеќе наврати ги обвини сојузниците во НАТО дека не даваат доволна поддршка и ја отвори можноста за намалување на американските обврски кон Алијансата.