Besar Ademi
25 Април 2017•Ажурирај: 26 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во Инфо-центарот на Делегацијата на Европската унија (ЕУ) во Скопје беше претставен проектот „Стоп за насилството врз жените во земјите од Западен Балкан и Турција: Имплементација на нормите и менување на нормите“, која ќе се спроведува во 36-месечен период во рамките на програмата на Обединетите нации за жени, јавува Anadolu Agency (AA).
Проектот во вредност од околу 5 милиони евра е финансиран од страна на ЕУ. Тој почна да се спроведува во шест земји од Западен Балкан и во Турција, од февруари оваа година, а се очекува да заврши во јануари 2020 година. Целта на проектот е родовата еднаквост, унапредувањето на правата на жените во различни области, како и спречувањето на дискриминацијата на жените.
Елена Грозданова, државен советник за родова еднаквост при Министерството за труд и социјална политика на Македонија, најави дека проектот ќе им помогне и ги поддржува и невладините организации што се занимаваат со правата на жените, со цел преку различни иницијативи да се чуе гласот на жената. Според неа, во изминатиот период во Македонија се зборува многу повеќе за семејното насилство, за разлика од насилството врз жените.
„Сеуште во Република Македонија постои ниска јавна свест и разбирање за прашањето за родово насилство кое не соодвестува со реалниот степен на насилството коешто се доживува од страна на жените”, изјави Грозданова.
Постојаниот координатор на Обединетите нации во Скопје, Луиза Винтон, истакна дека борбата против насилството врз жените е клучен приоритет за Обединетите нации.
„Мораме да почнеме повторно со основниот аргумент: и жената е човек и правата на жените се човекови права“, рече таа.
Од друга страна, раководителот на одделот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје, Никола Бертонлини, рече дека овој проект ќе придонесе за надминување на јазот меѓу мажите и жените.
„Родовото насилство е брутална форма на дискриминација и кршење на основните права на сите жртви“, рече тој.
Инаку, чекорите на овој проект што ќе се спроведува во земјите од Западен Балкан и во Турција се преземаат во рамките на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против семејното насилство и насилството врз жените (позната како Истанбулската конвенција), која е донесена во 2011 година.