Senada Ibraimova
10 Ноември 2016•Ажурирај: 11 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Регионалниот проект на Техничка помош за граѓанските организации (ТАКСО), кој е поддржан од ЕУ, а чијашто цел е зајакнување на граѓанското општество во државите од Западен Балкан и Турција, денес и утре во Скопје организира завршен настан за проектите, кои се водат како договори за рамковно партнерство (ФПАС), јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на настанот е да се разговара за прашањето за општиот развој на граѓанското општество во регионот на Западен Балкан и во Турција и да се генерираат конкретни саморефлектирачки препораки за понатамошни подобрувања во однос на граѓанските организации и нивните мрежи.
На овој настан учествуваат голем број проектни менаџери, претставници на граѓанскиот сектор од регионот и од Турција, како и претставници на ЕУ од секторот за граѓанско општество.
Лота Исаксон, новоизбраната раководителка на секторот за граѓанско општество и социјална инклузија во Генералниот директорат за проширување и преговори во рамките на Европската комисија, во изјава за Anadolu Agency (АА) рече дека тука се собрани за промоција на резултатите од реформите во напредокот и развојот во различни сектори на кои минатите 4 години работеа 18 мрежи на граѓанските организации од Западен Балкан и од Турција.
Исаксон нагласи дека овој проект е многу важен за државите што се на пат кон членство во ЕУ, односно за интеграциите на ваквите општества, за што, според неа, многу битен фактор е учеството на граѓанското општество.
„Ние од страната на ЕУ сметаме дека ова е многу важна работа, затоа што тоа е една од нашите суштински вредности, да се поттикне учеството на граѓанското општество, бидејќи тоа е еден од клучните столбови во процесот на пристап до ЕУ. Пристапот не треба да биде само ’влада кон влада’, туку важна е и партиципацијата на граѓаните“, истакна таа.
Меѓу другото, туската координаторка на ТАКСО, Ајча Булут Биџан, во својата изјава за АА рече дека ова е многу важна средба на претставниците од граѓанското општество од регионот и од Турција, држави коишто се на пат за влез во ЕУ.
„Овде имаме важни проекти и од Турција. Особено е важна соработката на граѓанското општество на различните држави во процесот на ЕУ интеграциите. Денес овде разговараме за резултатите и за постигнатите успеси од 4-годишната работа и спроведување на проектот во различните сектори“, изјави Биџан.
За време на настанот ќе се разговара за актуелните прашања што го засегаат граѓанското општество во регионот. Исто така, учесниците ќе ги идентификуваат другите отворени прашања во областите како што се животната средина, природните ресурси, енергијата и руралниот развој, борбата против корупцијата, слободата на медиумите, како и социјалниот развој и човековите права.
Мисијата на ТАКСО е да се засилат и да се подобри капацитетот на активностите на граѓанските организации, како и нивната демократска улога. Преку активностите за градење капацитети, поддршката и помагањето, ТАКСО има за цел да го зајакне граѓанското општество и да ја стимулира средината на граѓанско општество и култура.