Ekip
27 Октомври 2017•Ажурирај: 28 Октомври 2017
АНКАРА (АА) – Со додавање на индонезискиот и шпанскиот јазик, Anadolu Agency (AA) го зголеми на 13 бројот на јазици на коишто се објавуваат вестите, а ќе ја прошири и главната мрежа на вести отворајќи свои канцеларии во Малезија и во Кина.
АА на 23 октомври, во Џакарта, главниот град на Индонезија, го отвори сервисот на вести на индонезиски јазик и централната канцеларија на Пацификот, а на 26 октомври во Колумбија го отвори сервисот на шпански јазик, 13. јазик за објавување вести.
Со отворањето на сервисот на индонезиски јазик, реализирано со присуство на заменикот генерален директор на АА, Мустафа Озкаја, и голем број други поканети, АА стана единствена меѓународна новинска агенција што ќе објавува вести на индонезиски јазик.

Центарот на сервисот на вестите на шпански јазик на агенцијата ќе биде во Колумбија, а по повод отворањето, претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос приреди прием во претседателската палата за амбасадорот на Турција во Богота, Енгин Јурур, и за заменикот генерален директор, а воедно и главен и одговорен уредник на Аnadolu Аgency (AA), Метин Мутаноглу, како и за екипата што го придружуваше.
Потоа, сервисот на АА на шпански јазик официјално се отвори вечерта на 26 октомври, во колумбискиот главен град Богота, а на свеченото отворање беа присутни заменикот генерален директор, а воедно и главен и одговорен уредник на AA, Метин Мутаноглу, како и голем број високи претставници.
- Нови канцеларии во Куала Лумпур и во Пекинг
АА со мрежата од новинари во 86 земји ќе нуди содржина на 13 јазици за своите претплатници во 45 земји, а во исто време се подготвува и за отворање на централните канцеларии во Малезија и во Пекинг.

Претседателот на Управниот одбор, а воедно и генерален директор на АА, Шенол Казанџи, во врска со ова прашање истакна: „АА е основана за време на војната за независност, со цел пренесување на гласот на Анадолија во светот, и оди со цврсти чекори кон зајакнување на глобалната мрежа на вести“.
Казанџи нагласи дека со објавувањето вести на новите јазици и со новите канцеларии, се зголеми можноста на агенцијата за брзо и доверливо емитување на вестите.
„Направивме два значајни чекора напред со отворањето на сервисот на индонезиски јазик во Џакарта, Индонезија, и со вчерашното официјално отворање на сервисот на шпански јазик во Богота, со што АА почна со објавување на вести на 13 јазици. Со нашите канцеларии во Куала Лумпур во Малезија, и во Пекинг, Кина, ги направивме посилни и нашите активности во азиско-пацифичкиот регион. Колку повеќе се зголемува нашата сфера на вести, толку повеќе се зголемуваат и нашите можности за доверливо и брзо емитување на важните вести на глобално ниво. Како што беше во минатото, и денес и во иднина, АА на ист начин и понатаму ќе биде гласот на угнетените и на немите“, рече Казанџи.
АА моментално објавува вести на турски, англиски, арапски, француски, руски, персиски, БХС (босански, хрватски и српски), албански, македонски, како и на дијалектите на курдски јазик, курмански и сорански, и се смета една од десетте најефективни агенции во светот.
Со своето 97-годишното искуство и силната мрежа од новинари во 86 различни земји, на претплатниците во целиот свет АА им нуди во просек 1.384 вести дневно, над 4.000 фотографии, 400 видеа и 6 инфографики.
АА е основана на 6 април 1920 година, со цел да се пренесе гласот на Анадолија во светот за време на војната за независност, и е една од првите меѓународни институции на Турција, а со новите јазици на објавување вести и со новите канцеларии, ќе се зајакнува и ќе ја шири мрежата на новинари во светот.