Admir Fazlagic
14 Март 2017•Ажурирај: 15 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Вечерва во Скопје продолжија протестите против платформата на албанските политички партии во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Шеснаесетти ден по ред, граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со поддржувачите и вечерва се собраа пред Владата, од кадешто го започнаа својот марш кон Собранието во знак на протест, како што велат, против платформата на албанските политички партии во Македонија, а како што велат, со цел поддршка за „За заедничка и унитарна Македонија“.
Откако го започнаа протестот пред Владата, собраните граѓани се упатија кон Собранието, при што застанаа пред Народната канцеларија на претседателот на Македонија, кадешто го врачија таканаречениот „Манифест" против мешање во внатрешните прашња на Македонија.
Од граѓанската иницијатва „За заедничка Македонија“ велат дека платформата на албанските политички партии, ја сметаат како нешто со што директно се прекршува меѓународното право и бараат од меѓународните наднационални институции како и од сите стратешки партнери да го осудат, како што велат, таквиот начин на дејствување.
Тие сметаат дека со спомнатата платформа „најдиректно се загрозува севкупниот национален интерес и општествено политичкиот интегритет на Македонија".
На крај, ги повикаа на сплотување сите граѓани во Македонија, за како што рекоа, заедничкиот стремеж за зачувување на унитарноста и на целовитоста на Македонија врз утврдениот принцип и врз темелите на современата македонска унитарност кои се изградени со Охридскиот Рамковен договор од 2001 година.
По упатените пораки пред Собранието, толпата мирно се раздели.
Исто така, протести против платформата на албанските политички партии во земјава, се одржуваат и во другите градови низ Македонија.
Потсетуваме, претседателот Иванов во своето неодамнешно обраќање до јавноста изјави дека „нема да го додели мандатот на секој оној кој преговара за платофрми на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста".
- Заедничка платформа на албанските партии во Македонија
Таканаречената заедничка платформа на албанските политички партии во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година, која содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија.
Лидерите на албанските политички партии се обврзуваа дека нема да учествуваат во новата Влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата.