Балкан

„Младите се најголемите поддржувачи на стратешките цели на државата“

„Јас сум убеден дека младите, без разлика на етничка, верска или партиска припадност, масовно ќе се изјаснат „за“ на референдумот, а со тоа и за нашата стратешка определба за целосно интегрирање во НАТО и ЕУ“, порача Џафери.

Admir Fazlagic  | 20.09.2018 - Обновена : 21.09.2018
„Младите се најголемите поддржувачи на стратешките цели на државата“ (Foto: Vedat Abdul/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, изјави дека младите генерации се најголемите поддржувачи во остварувањето на стратешките цели на државата, а тоа е членството во НАТО и ЕУ, истакнувајќи дека на референдумот на 30 септември младите без разлика на етничка, верска или партиска припадност, масовно ќе излезат и ќе се определат за целосно интегрирање на земјата во овие заедници, јавува Anadolu Agency (AA).

Собранискиот спикер ова го порача денеска во поздравниот говор за време на отворањето на дијалогот на високо ниво за политичкото учество на младите и младинските политики со пратениците од Западен Балкан насловен „Премостување на празнината“, кој денеска и утре се одржува во Собранието на Република Македонија.

Во своето обраќање Џафери посочи дека едно од основните прашања кое се поставува кога се зборува за младите во Македонија, а слично е и во регионот, е вработувањето. Изрази верување дека за време на конференцијата, за сите овие прашања, дилеми и предизвици ќе се слушнат нови и пред сè конструктивни идеи, решенија, но и методологии за тоа како да се воспостави вистински дијалог, и како да се постигне поголема инклузивност на младите во креирањето на соодветни политики, кои потоа ќе се имплементираат преку законодавниот процес.

Џафери посочи дека во Собранието на Република Македонија пред една година, следејќи го искуството на Европскиот парламент, но и на некои други парламенти од Западна Европа, се формираше Клубот за младински прашања и политики. Клубот е неформално тело во кое членуваат пратеници од помладите генерации од сите парламентарни партии.

Според него, токму младите генерации, според истражувањата, се и најголемите поддржувачи на остварувањето на стратешките цели на државата, а тоа е членството во НАТО и ЕУ.

„Ова го споменувам бидејќи како држава сме исправени пред една вистинска историска одлука. Имено, знаете дека на 30 септември имаме референдум на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат дали се за Европска Македонија. Јас сум убеден дека младите, секако оние со право на глас, без разлика на етничка, верска или партиска припадност, масовно ќе се изјаснат „за“ на референдумот, а со тоа и за нашата стратешка определба за целосно интегрирање во НАТО и ЕУ“, порача Џафери.

Тој додаде дека младите ќе се определат за подобра иднина за нив во земјата, но во исто време и за широко отворени врати во ЕУ, со можност за стекнување знаења и искуства, истакнувајќи дека се слични интересите на младите од регионот, па затоа ќе биде интересно во текот на форумот да се слушнат искуства од другите држави во регонот.

За време на настанот предвидени се повеќе работилници на теми: „Учеството на младите во политиката“, „Вработеност кај младите, раст и одлив на мозоци“, „Лажни вести и дезинформации“ и „Помирување и наследство од минатото“, по што ќе се одржат панел-дискусии во работилниците.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.