Bekim Laci
20 Септември 2018•Ажурирај: 21 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Германија, Урсула фон дер Лаин, денес во Скопје истакна дека нејзината земја ќе чекори заедно со Македонија на нејзиниот пат кон членството во НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на нејзината посета на Македонија, изутрина Лаин беше пречекана на средба од страна на министерката за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, а на заедничката прес-конференција што се одржа по средбата на делегациите на двете земји, рече дека над 200-те војници на Македонија обучени во Германија ги доведуваат односите на двете земји на повисоко ниво.
Германската министерка посочи дека унапредувањето на европската перспектива на нашата земја, уште повеќе ќе ги продлабочи нашите односи, изразувајќи ја целосната поддршка на нејзината влада.

„Наскоро ќе се одржи референдум, и знам дека е за името на вашата држава, но тоа има поврзаност и со вашата култура, идентитет и историја, сепак, ние гледаме една извонредна шанса во овој референдум. Ова е една шанса, затоа се надевам дека граѓаните на оваа земја активно ќе учествуваат, а од нашето искуство со обединувањето на двете Германии, можам да истакнам дека ова се уникатни прилики што треба да бидат искористени“, нагласи Лаин, која додаде дека Германија сака да гради една Европа заедно со Македонија.
Министерката за одбрана на Македонија, Шекеринска, ја информираше нејзината германска колешка за настаните кои му претходеа на референдумот, и изрази уверување дека референдумот ќе биде успешен, при што земјата веќе ги започна подготовките за претпристапни преговори со НАТО.
„Од моментот кога ја добивме НАТО-поканата, формиравме тимови. Прво во Министерството за одбрана, а потоа и заеднички на ниво на Влада, коишто ја подготвуваа програмата и коишто ги подготвуваат институциите за пристапните разговори. Првите НАТО-тимови веќе беа во Македонија, а кон крајот на месецот ќе имаме и тимови коишто ќе разговараат со колегите претставници на НАТО во Брисел. Разговорите се водат според планот, не очекуваме никакви изненадувачки теми или прашања што ќе го успорат процесот. Можеме однапред да кажеме, фокусот ни е таму, Македонија ќе биде подготвена да го склучи протоколот за пристапување во НАТО“, додаде таа.
Шекеринска нагласи дека Македонија ќе биде подготвена за потпишување на Протоколот за членство во НАТО, додека тоа што ја очекува земјата на политички план, треба да се потврди на 30 септември, на референдумот кој ќе биде доказ дека ја имаме целосната поддршка на патот кон овој процес.