Балкан

„Медицинскиот туризам во Македонија е во подем“

„Дополнителна идеја за инвестиција во Република Македонија е тоа што ние веќе примаме пациенти коишто доаѓаат од балканските земји за услугите што тука ги нудиме. Во моментот тоа е биопотпомогнатото оплодување како и гинекологијата и ортопедијата...“

Admir Fazlagic  | 24.05.2018 - Обновена : 24.05.2018
„Медицинскиот туризам во Македонија е во подем“ Фото: Admir Fazlagikj/АА

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ -

Групацијата болници „Санте Плус“ својата дејност ја врши во Турција и ширум Балканот, нудејќи здравствени услуги кои опфаќаат 14 медицински бранши, а во последните години, оваа групација отвора свои болници и на Балканот, меѓу кои и во Македонија.

Д-р Весна Камилова, балкански координатор на „Санте Плус“ групацијата и извршен директор на болницата „Санте Плус“ во Македонија во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за работата на оваа болница, начинот на функцонирање, како и за идните планови.

Навраќајќи се на почетоците, таа истакнува дека „Санте Плус“ својата приказна ја започнува од Турција како групација на болници која што работи повеќе од 15 години. По одредено време, оваа групација одлучува да започне со медицински туризам на Балканот, почнувајќи со Албанија, Македонија и Косово пред 8 години.

Започнале со инвестиција на нудење медицински услуги на естетска дерматологија, естетска стоматологија како и орална хирургија, а потоа со работа започнал и Центарот за трансплантација на коса. 

Камилова објаснува дека бројот на пациентите кои патувале од Македонија за Турција поради медицински услуги бил голем и со текот на годините низ работењето се јавила потреба и можност за инвестирање во земјава во тој дел, кој што би можел да ги понуди бараните услуги во странство, а истовремено тие да бидат на квалитетно ниво.

Како што наведува таа, инвестицијата на болницата започнала во јуни 2015 година, при што се формирал комплетно нов тим на доктори, гинеколози, ортопеди, анестезиолози, педијатри коишто со своето искуството како врвни експерти направиле една симбиоза и услугите коишто ги нудат на пациентите се на извонредно ниво.

„Пациентите се задоволни првенствено од професионалноста на докторите, второ, третманот којшто го добиваат од средниот медицински стручен кадар којшто посветува доволно време за време на хоспитализацијата за да се објаснат сите ситуации“, вели Камилова. Објаснува дека тие им помагаат на пациентите во однос на сето она што треба да го знаат пред да заминат од болницата, а исто така нивниот стручен персонал им е достапен на пациентите и кога ќе ја напуштат болницата.

- Регионални проекти, наскоро отворање на болница во Албанија -

Освен во Македонија, групацијата болници „Санте Плус“ активно работи и во другите земји од регионот. 

„Санте Плус не застанува во Македонија, продолжува на Балканот. Се спроведуваат здравствени услуги во Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и во БиХ. Освен секојдневни амбулантски здравствени услуги коишто се нудат, Санте Плус почнува големи проекти како што е регионалната болница во Албнија, која за околу месец дена ќе биде свечено отворена. Таа ќе биде општа болница којашто ги содржи сите медицински бранши. Следниот проект којшто е во фаза на подготовка е болницата што ќе се отвори во Косово и иден проект за регионална болница во Македонија и во Србија“, вели Камилова.

Во тој контекст, меѓу другото, наведува дека нивна дополнителна идеја за инвестиција во Македонија, односно отворање на регионален центар, е нејзиниот шаренолик етнички состав, каде што живеат различни народи и место каде што доаѓаат пациенти од земјите во регионот за медицинските услуги коишто ги нуди „Санте Плус“.

„Дополнителна идеја за инвестиција во Република Македонија е тоа што ние веќе примаме пациенти коишто доаѓаат од балканските земји за услугите што тука ги нудиме. Во моментот тоа е биопотпомогнатото оплодување како и гинекологијата и ортопедијата. Пациенти доаѓаат од Санџачкиот регион, Црна Гора, јужна Србија, од Косово, така што капацитетот на пациенти коишто доаѓаат од странство се зголемува, а со тоа се зголемуваат потребите за дополнителни медицински здравствени услуги“, истакнува Камилова.

- Македонија ја посетуваат пациенти од земјите на Балканот -

Камилова додава дека целта на групацијата „Санте Плус“ е наместо да ги препраќа пациентите во Турција, како во претходните години, да направи регионален центар којшто ќе нуди услуги во Македонија за сите оние пациенти коишто досега не можеле да бидат третирани во земјава, што е, како што наведува таа, и целта на медицинскиот туризам.

Според зборовите на балканскиот координатор на групацијата „Санте Плус“, тие со своите инвестиции направиле рејтинг со кој го стекнале задоволството на пациентите поради што сега Македонија ја посетуваат пацинети од сите земји на Балканот и ги користат здравствените услуги на оваа институција, со што се создале услови за искористување на потенцијалот на медицинскиот туризам во земјава. 

- Подем на медицинскиот туризам во Македонија -

Меѓу другото, Камилова истакнува дека медицинскиот туризам дал свој придонес, што може да се види и од фактот што во земјата доаѓаат пациенти од сите земји од регионот, најголем број од Косово, а исто така постои и тенденција земјата да ја посетуваат и паценти од Грција кои користат стоматолошки услуги и заради шопинг. 

„Најголемиот подем на медицинскиот туризам е во Македонија, затоа што е средиште на Балканот“, вели Камилова истакнувајќи дека тоа е тренд веќе во последните неколку години. 

Исто така, Камилова објаснува и дека досега има одредени административни процедури кои странските државјани можат да ги спроведат во Македонија посебно за биопотпомогнато оплодувње, што, како што вели таа, непречено тече и пациенитите и здравствените институции се задоволни од тоа како системот на Република Македонија го има организирано тоа.

Во однос на соработката со другите институции од здравствениот систем во земјата, Камилова објаснува дека тие го гледаат државното здравство како на свои соработници. 

Според неа, целта на странските инвестиции не е да донесе стручен кадар однадвор, туку да го покаже и докаже квалитетот на македонскиот стручен кадар во земјата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.