Bojana Stojanovic
24 Мај 2018•Ажурирај: 25 Мај 2018
БЕЛГРАД (АА) - Припадниците на Министерството за внатрешни работи на Србија уапсија 67 лица, против 129 поднесоа кривични пријави, додека уште 8 лица се уапсени по претходно распишаните потраги, соопшти денес Министерството, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се вели во соопштението, одземени се вкупно 83,1 килограм дрога, од кои 82,8 килограми марихуана, околу 28,6 грама хероин, 79,5 грама кокаин, 116,4 грама амфетамин, 179 парчиња таблети екстази.
Поради поседување наркотици заради нивна продажба, 25 лица беа уапсени, додека против 58 лица беа поднесени кривични пријави во редовна постапка.
Исто така, на територијата на Белград и Сомбор се откриени две лаборатории за одгледување марихуана во вештачки услови.
Еден од акцентите во акциите спроведени на териториите на сите 27 полициски управи во Србија беше и борбата против продажбата на дрога во непосредна близина на училиштата и училишните дворови.
Припадниците на МВР одзедоа и 13 пушки, од кои две полуавтоматски, 10 пиштоли и 287 парчиња муниција од различен калибар. Поради недозволено поседување или носење оружје, 8 лица беа уапсени и задржани, додека кривични пријави во редовна постапка се поднесени против 13 лица.
Уапсени се и 20 извршители на кривични дела од областа „Имотни деликти“, додека во редовна постапка поднесени се кривични пријави против 42 лица. Сите тие се сомничат дека извршиле вкупно 235 кривични дела од областа на имотните деликти.
Освен за кривичните дела од наведените области, уапсени се и осомничени кои се товарат за извршување и на други кривични дела: тешки телесни повреди, загрозување на безбедноста, полово вознемирување, малтретирање и мачење, незаконско преминување на државната граница.
Акцијата на МВР на Србија е спроведена во соработка со надлежните обвинителства, со цел спречување на општиот криминал.