ЗАГРЕБ (АА) - Соработката на постјугословенските држави во создавањето заеднички список на сите жртви од војните во 1990-тите години назадува, нема политичка волја за решавање на ова важно прашање што би ги свртело општествата кон иднината, беше порачано од 12. Форум за транзициска правда во организација на Иницијативата за РЕКОМ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во организација на иницијативата РЕКОМ се одржува 12. Форум за транзициска правда како единствен регионален собир на активисти за заштита на човековите права, претставници на здруженија и здруженија на семејствата на жртвите, правници и на сите оние кои на различни општествени нивоа работат на транзициската правда.
Овогодишниот загрепски форум насловен „Жртвите да живеат во сеќавањата на општеството“ е посветен на натамошната работа на одобрување на официјален регионален список на жртвите од војните во 1990-тите години на просторот на поранешна Југославија.
Активистката Наташа Кандиќ од Белград истакна дека се познати многу факти за жртвите од војните во 1990-тите години, но дека овие информации се расцепкани низ судските записи и низ разни други институции.
„Постои еден отпор кон обединувањето на овие податоци и факти, за конечно на овие простори да имаме заеднички список на жртвите и да го знаеме секое име“, рече Кандиќ.
Додаде дека од 2014 година постои сè помала политичка волја за реализирање на овој попис.
Кандиќ смета дека ваков заеднички список би придонел за поквалитетен однос кон минатото, иднината, жртвите и кон младите, како и признавање на грешките сторени во минатото.
Кандиќ порача дека сега постои идеална можност за граѓанското општество, пред претседавањето на Хрватска со Советот на Европската Унија (ЕУ), да се каже дека очекуваат од Хрватска да ѝ биде приоритет регионалната соработка поврзана со жртвите и процесуирањето на воените злосторства, оценувајќи го тоа како важно за европската интеграција и новите односи во ЕУ.
Весна Тершелиќ од „Документи“ - центар за соочување со минатото, исто така оцени дека со текот на годините има наназаден тренд кога станува збор за заедничко документирање на сите жртви на војните, поради недостиг на политичка волја.
Политичкиот аналитичар и активист за човекови права, Жарко Пуховски, предупреди дека на постјугословенските простори се случува обратна хронологија и дека општествата брзаат кон минатото. „Жртвите стануваат сеприсутна тема, и тоа националните жртви“, вели Пуховски.
„Имаме претседател на Србија кој беше униформиран и вооружен четник кој никогаш не се извини за тоа; претседателка на Хрватска, која сега во кандидатурата третира осуден воен злосторник како народен херој и атмосфера во Хрватска во која е забрането јавно да се каже дека Хашкиот трибунал пресудил дека Фрањо Туѓман бил дел од злосторничка група ориентирана кон уништување на Босна и Херцеговина“, рече Пуховски.
Предупреди дека ЕУ е премногу преокупирана со внатрешните проблеми и дека нема време да се занимава со просторот на поранешна Југославија.
Иван Црнчек, претставник на хрватското Министерство за правда, говореше за проблемите во меѓудржавните односи при воспоставувањето заеднички список на жртвите од војните во 1990-тите. Тој истакна дека во Хрватска започнати се околу 3.600 постапки поради воени злосторства, подигнати се над 2.100 обвиненија, осудени се околу 640 лица, додека тие бројки во Србија се мизерни и не покажуваат тренд на напредок.
Тој истакна дека нема напредок ниту во Договорот за укинување на регионалната јурисдикција за воените злосторства која ја спроведува Србија, истакнувајќи дека е клучна територијалната надлежност и дека би требало да суди државата на чија територија е извршено казненото дело.
Предупреди дека постојат низа проблеми и во соработката со Босна и Херцеговина.
Организациите на граѓанското општество, дел од споменатата иницијатива, веќе 13 години се залагаат за основање Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства и список на човечките загуби поврзани со војните во периодот 1991 - 2001 година (REKOM). Притоа, сами досега собрале релевантна документација и врз основа на емпириско истражување го утврдиле идентитетот и околностите на смртта на околу 20.000 воени жртви.
news_share_descriptionsubscription_contact
