СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Со ѕвонот на училишното ѕвонче денеска започна првиот ден од новата учебна година. Во изминатите денови, како што се приближуваше почетокот на новата учебна година, така се забележуваше и поголема раздвиженост на граѓаните низ книжарниците и трговските центри, кои заедно со своите деца ги вршат подготовките набавувајќи ги потребните работи за на училиште, пишува Anadolu Agency (AA).
Посебно внимание на подготовките за почетокот на новата учебна година е посветено на децата што го започнуваат првото одделение.
- Македонија: Потребни околу 100 евра за подготовка на прваче -
Врз основа на трошоците на родителите во книжарниците, пазарите и продавниците, во просек излегува дека се потребни околу 6.000 денари или околу 100 евра за едно прваче да биде обезбедено со основните работи за на училиште, а просечната плата во Македонија според Државниот завод за статистика изнесува 24.203 денари, односно 393 евра.
Освен потребниот училиштен прибор во кој спаѓа ранец, различни моливи, гуми, острилки, тетратки и боички, родителите треба да извојат средства и за нова гардероба, а сето тоа го оптоварува домашниот буџет.
На училишниот ранец оди најголемиот дел од трошокот за потребниот прибор. Според цените во книжарниците, пазарите и дуќаните, ранец може да се најде по цена од 250, па до над 3.000 денари, во зависност од марката на произведувачот на ранецот и неговиот квалитет. Но, според продавачите во книжарниците и дуќаните, родителите најчесто одлучуваат да купат ранец во износ од 1.000 до 1.500 денари.
Другиот дел од училишниот прибор како што се тетратките, фломастерите, пластелинот, дрвените боички, острилки, мала чанта за прибор, можат да се купат од 500 до 1000 денари, во зависност од квалитетот на производот.
За потребната гардероба за едно прваче, како што е блуза, јакна и фармерки, според продавачите во дуќаните, потребни се од 3.000 до 6.000 денари.
Освен тоа, не треба да се занемарат ниту трошоците за обувки, кои според цените во дуќаните во трговските центри можат да изнесуваат од 800 до повеќе од 3.000 денари.
Како и секоја учебна година, и оваа година за учениците од основното и средното образование првиот училишен ден е првиот понеделник од септември, кој оваа година паѓа на 3 септември. Во оваа учебна година стартуваат околу 270.000 ученици. За прв пат во училишните клупи ќе седнат над 20.000 основци, додека во прва година во средно училиште се запишани над 16.000 ученици.
- Албанија: Децата од прво до четврто одделение за прв пат ќе имаат бесплатни книги -
Во различни продавници и трговски центри во Тирана, но и во други градови низ земјата, е зголемено купувањето училиштен прибор и детска облека.
Според Министерството за образование, спорт и млади на Република Албанија, за прв пат оваа година, децата од прво до четврто одделение ќе имаат бесплатни учебници кои можат да ги земат на училиште од нивните наставници.
Од податоците на ова министерство се дознава дека со ова, на над 125 илјади семејства во Албанија ќе им биде намален просечниот трошок од околу 36 евра годишно за секое дете што го посетува основното образование.
Вклучувајќи ги и трошоците за облека, чанти и друг училишен прибор и опрема, вкупните трошоци за испраќање на децата во прво одделение во Албанија се во просек околу 91 евро.
Чантите за првачиња во продавниците во Тирана, според трговците, се продаваат од 20 до 35 евра, но и по повисоки цени.
Училишниот прибор, како што се тетратките, линијарите, моливите, боичките и гуми, чинат од 12 до 30 евра. Што се однесува на облеката, цените се помеѓу 35 и 50 евра.
Новата 2018/2019 учебна година во Албанија за основното образование започнува на 17 септември, додека запишувањето на учениците ќе продолжи до средината на септември.
Повикувајќи се на податоците на Институтот за статистика на Албанија (ИНСТАТ), просечната плата во Албанија за еден вработен е 49.145 леки или околу 393 евра.
- Косово: Потребни околу 90 евра за подготовка на едно прваче -
Во повеќето трговски центри и книжарници низ косовските градови постои зголемено движење на граѓаните, а во нивните главни делови се поставени училишни прибори, шарени тетратки, моливи, чанти и многу други додатоци потребни за учениците.
Иако цените се различни зависно од книжарниците или трговските центри, како и од квалитетот на приборот, во големите трговски центри во Косово цената на училишниот прибор за прво одделение започнува од околу 10 евра и може да достигне до 55 евра, што не ги вклучува цените на книгите кои бесплатно ги обезбедуваат надлежните органи.
Една училишна чанта чини од 5 до 30 евра, моливот, гумата и острилката 1-5 евра, боиците 1-5 евра, блокови за цртање од 50 центи до 5 евра, чанти за моливи од 1 до 10 евра, а тетратките од 10 центи до 1 евро.
Како и обично, родителите сакаат нивните деца да го започнат првиот ден на училиште со нова облека. Ако се имаат предвид цените за облеката на првачињата, како кошули, маици, панталони и чевли, на родителот му требаат 40 евра или повеќе, во зависност од нивниот квалитет.
Врз основа на овие податоци од книжарниците и трговските центри, косовските родители трошат во просек 90 евра за да им ги обезбедат на своите деца основните потреби за да го започнат првото одделение, додека просечната плата во Косово (според Косовската бизнис-алијанса, 2017 година) изнесува 363 евра.
Како и обично, новата учебна година во Косово започнува во првата недела од септември, кој оваа година паѓа на 3 септември.