КУМАНОВО (АА) – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека решавањето на судирите на Србите и Албанците, повеќе од сѐ придонесува за стабилноста и за одржувањето на мирот во регионот, и дека затоа е важно да се имаат предвид едни граници, а не секој да има свои граници, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска на заедничка конференција за медиумите, одржана на граничниот премин Табановце - Прешево, најавија имплементација на проектот за заедничко гранично управување - One Stop Shop.
- „Решавањето на судирите помеѓу Србите и Албанците придонесува за стабилноста во регионот“
Прашан за можно менување на актуелните граници на Србија и Косово, претседателот на Србија, Вучиќ, рече дека тој смета дека Косово е дел од Србија, а раководството во Косово смета дека Косово е независна држава. Тој истакна дека на Србија и на Косово треба да им биде допуштено да направат отстапки за својата иднина и да ги решат односите меѓу Србите и Албанците, за кои рече дека се проблем веќе 200 години.

„Сметам дека решавањето на судирите помеѓу Србите и Албанците, повеќе од сѐ придонесува за стабилноста во регионот и повеќе од сѐ придонесува за одржување на мирот во регионот. Затоа е важно да седнеме и да се договориме, и едни и други во иднина да имаме предвид едни граници, а не секој да има свои граници. Сметам дека е најважно да разговараме проблемите да ги решаваме по мирен пат“, истакна Вучиќ, и додаде дека е потребно да размислуваме за иднината, за економска соработка, за трговска соработка, за туризмот, а не да се задоволуваат интересите на големите сили. Истакна дека тоа би требало да го разбере целиот свет.
- „Решавањето на проблемите помеѓу Скопје и Атина е добра вест и за Белград“
Во однос на Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција и актуелниот референдум кој ќе се одржи во Македонија на 30 септември оваа година, прашан дали ќе ја повика српската заедница во Косово и дали ќе ја повика српската заедница во Македонија да учествува или да не учествува на референдумот, српскиот претседател рече дека не би сакал да се меша во внатрешните работи на другите земји, како и дека секогаш многу позитивно ќе реагираат, доколку соседите, пријателите, се договорат и решаваат проблеми.
„Дали ние се радуваме и дали сме задоволни затоа што Скопје и Атина ќе ги решат своите проблеми? Сосема сигурно дека тоа е добра вест и за Белград, и добра вест и за Србија. Ниту имам право некого да повикувам, ниту да не повикувам, и тоа не би било фер, тоа е директно мешање во внатрешните работи на една друга држава, а јас ја почитувам Македонија и затоа тоа нема да го правам. Сметам дека сѐ што придонесува за регионална стабилност, a решавањето на судирите помеѓу Скопје и Атина секако придонесува за регионалната стабилност и е значајно и важно за целиот регион, и уверен сум дека тоа луѓето ќе го поздрават“, рече Вучиќ.
- Заев: „Македонија поддржува позитивно решение за Косово“
Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, изјави дека решението за Косово мора да биде такво што ќе го унапреди животот на Албанците и на Србите во Косово, но и ќе го гарантира мирот и безбедноста на целиот регион.
„Македонија поддржува позитивно решение за Косово, решение кое ќе ја унапреди благосостојбата и на Србите, и на Албанците, и на сите граѓани кои живеат во Косово. Решение кое ќе ги гарантира безбедноста, мирот и проспертитетот и на Србија и на Косово, и на целиот овој наш регион. Значајно е сите лидери во регионот да бидат обединети околу заедничките цели, а тоа се траен мир, регионална соработка, економски развој и членство во ЕУ“, истакна Заев.

- Најавен проектот за заедничко гранично управување помеѓу Македонија и Србија
За проектот за заедничко гранично управување - One Stop Shop, премиерот Заев рече дека со проектот се очекува да се скрати времето на царинење и на контроли. Според него, со едно застанување на заедничка испостава ќе се преполови времето на чекање на граѓаните, на превозните средства и на стоките.
Заев информираше дека во регионот се губат милијарда евра со чекање на границите, како и тоа дека овој проект ќе им помогне и на стопанствениците, и ќе ја забрза стоковата размена.
„Драго ми е што ова претставува само уште еден пример на големото пријателство помеѓу Македонија и Србија, пријателство помеѓу нашите две земји кое секогаш е докажано. Денеска ја имаме честа уште еднаш да го потврдиме тоа големо пријателство за кое знам дека ќе расте во периодот кој доаѓа пред нас, како и во делот на желбите на двете страни да отвориме и нови гранични премини на кој работат и двете влади, но секако и на унапредување на соработката“, истакна Заев.
Функционерите од двете земји информираа и дека проектот е во финална фаза и дека институциите од двете држави се подготвени да го имплементираат.
Премиерот на Македонија, Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, истакнаа дека заедничкото гранично управување е од особено значење за двете земји, и за стопанската активност, и за туристите.
На средбата беше најавено и потпишувањето на билатералните спогодби на Македонија и Србија, помеѓу царините, министерствата за внатрешни работи, фитосанитарните управи, ветеринарните служби кои наскоро ќе се преадаптираат, по што ќе се потпишат на заедничка средба на владите и официјално ќе започне овој проект за граѓаните на двете земји.
Исто така, Заев и Вучиќ најавија дека пред крајот на годината ќе има заедничка седница на владите на Македонија и на Србија.