Zülfiya Yakup
26 Април 2018•Ажурирај: 27 Април 2018
ПРИШТИНА (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изјави дека за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, како и за подобрување на односите со ЕУ, освен дијалог нема друга алтернатива, јавува Anadolu Agency (AA).
Туск по состанокот со косовскиот претседател Хашим Тачи рече дека посетата на Косово е дел од неговата поширока турнеја во рамките на подготовките за Самитот на ЕУ-Западен Балкан, на 17 мај во Софија, каде што ЕУ ќе ја повтори својата поддршка за европската перспектива на земјите од регионот.
Туск изјави дека ЕУ е, и ќе продолжи да биде, најдоверливиот партнер на земјите од Западен Балкан и дека самитот во Софија треба да ги подобри врските со регионот и во регионот на полето на транспортот, енергетиката и дигиталните врски. Како што истакна, ќе се разговара и за тоа како да се третираат некои од заедничките безбедносни предизвици, како што се криумчарење мигранти, тероризмот и организираниот криминал.
Во врска со дијалогот меѓу Косово и Србија, Туск истакна дека без општа нормализација на односите и целосна имплементација на договорот, тој не гледа промена и подобрување на односите со ЕУ. Тој рече дека овој процес е тежок, но дека тој е оптимист.
„Знам дека ова прашање е оптоварено со емоции и тешко е за двете страни, но не постои друга остварлива алтернатива за нормализација. Ова е стратешка одлука за која сум сигурен дека ќе се исплати на долго време“, рече Туск.
Тој го пофали косовскиот претседател Хашим Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ, со кого се состана вчера во Белград за нивното вложување во дијалогот.
Туск ја поздрави ратификацијата на демаркацијата на границата со Црна Гора во Собранието на Косово, што овозможи, како што нагласи, приближување на Косово кон визната либерализација.
Косовскиот претседател Хашим Тачи рече дека Косово е посветено на дијалогот и нормализацијата на односите со Србија, што подразбира примена на досега постигнатите договори но исто така, и за постигнување на конечен договор меѓу Косово и Србија.
Тачи истакна дека дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија ќе биде едно од најважните прашања за кои ќе разговара со германската канцеларка Ангела Меркел на 9 мај во Берлин.
Тој побара од Туск да го забрза процесот на укинување на визниот режим за косовските граѓани, бидејќи како што рече, Косово ќе ги исполни своите обврски.