Besar Ademi
17 Јануари 2018•Ажурирај: 17 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Собранието на Македонија се одржа свечена академија по повод 550. годишнина од смртта на Ѓерѓ Кастриот Скендербег, каде што беше промовирана и поштенската марка на Македонската пошта со ликот на албанскиот национален херој, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Собранието на Р. Македонија, Талат Џафери, истакна дека ако се гледаат историските факти поврзани со Ѓерѓ Кастриот, има многу елементи на тоа што денеска за сите нас е идеал и стратешка определба, а тоа е здружена Европа.
„Ликот и делото на Ѓерѓ Кастриот е тесно поврзан и со сите нас што денес живееме во Република Македонија, особено, со вековните стремежи и борбата на албанскиот и македонскиот народ за слобода и независност“, пренесе Џафери.
Од друга страна, генералниот директор на Македонската пошта, Фаадис Реџепи, нагласи дека одредени историски личности со нивните дела и постигнувања оставиле цврсти и неизбришливи траги во историјата на човештвото, укажувајќи на личноста на Ѓерѓ Кастриот Скендербег.
„Поштенските марки имаат вечна вредност, патувајќи низ светот промовираат различни културни и историски вредности. Тие се една отворена книга на едно мало парче лист, кои ги обединуваат луѓето, градовите, континентите и различните јазици“, истакна Реџепи, осврнувајќи се на поштенската марка пуштена во употреба во чест на 550. годишнина од смртта на Скендербег.
Со свечената академија и промовирањето на поштенските марки, во Македонија започнаа различни манифестации посветени на Скендербег, додека вакви слични манифестации ќе се реализираат и во Албанија и Косово.
Демократската унија за интергација (ДУИ) најави одбележување на годишнината од смртта на Скендербег на плоштадот Скендербег во Скопје, каде што ќе учествуваат високи претставници на оваа партија.
Инаку, 2018 година е година посветена на Скендербег. Премиерот на Албанија, Еди Рама, во мај минатата година соопшти дека првата одлука на новата влада ќе биде прогласување на 2018 година за „Година на Скендербег на национално ниво“. Одлуката е донесена за комеморација на албанскиот национален херој на 550. годишнина од неговата смрт.
Скендербег е роден на 6 мај 1405 година, а починал на 62-годишна возраст, на 17 јануари 1468 година.