ТИРАНА (АА) - ФАТЈОН ЦУКА -
Со најавата на Грција на својот план за проширување на територијалните води од 6 на 12 милји во Јонското Море, разграничувањето на поморските области меѓу Албанија и Грција повторно предизвика дебати.
Политичари, официјални лица и невладини организации во Албанија реагираа на изјавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој на 26 август рече дека неговата земја планира да ги прошири територијалните води на Јонското Море од 6 на 12 милји.
Истакнувајќи дека изјавата на неговиот грчки колега нема никаква поврзаност со територијалните води на Албанија и договорот меѓу двете земји, албанскиот премиер Еди Рама рече дека во 1990 година Албанија го искористи своето право што произлегува од Конвенцијата за поморско право од 1982 година.
Љуљзим Баша, претседателот на најголемата опозициска Демократска партија во Албанија, повика Владата да биде транспарентна во однос на содржината на поморските преговори меѓу Албанија и Грција.
Како одговор на повикот на опозицијата, Рама рече дека не може да има никаков таен договор меѓу двете земји.
- Преговори меѓу Албанија и Грција -
Албанското Министерство за Европа и надворешни работи во април 2018 година соопшти дека официјално се започнати разговори за разграничување на поморските зони меѓу Албанија и Грција.
Меѓу страните нема финален договор, а преговорите се прекинати.
Иако договорот беше потпишан меѓу двете земји во 2009 година, Уставниот суд на Албанија го поништи договорот во 2010 година, прогласувајќи го за незаконски и неуставен.
- „Ако Грција вели ’ние се шириме‘, без сомнение некој ќе се стеснува“ -
Претседателот на Партијата на правда, интеграција и единство (PDİU) и поранешен претседател на албанскиот Парламент, Шпетим Идризи, во разговорот за Агенција Анадолија (АА) рече дека тајмингот е поврзан со настаните во регионот и турско-грчките несогласувања.

Потенцирајќи дека Албанија и Грција немаат никакви дискусии или договор за територијалните води, Идризи истакна дека за албанската страна прашањето за територијалните води меѓу Албанија и Грција е затворено прашање.
Во однос на изјавата на грчкиот премиер дека проширувањето на копнените води е „голема победа на Грција“, Идризи рече дека тоа ќе влијае на посебниот договор за економска зона што се очекува да биде потпишан меѓу двете земји: „Ако Грција вели ‘ние се шириме‘, без сомнение некој ќе се стеснува.“
Потсетувајќи дека Јонското Море е поделено меѓу Грција, Италија и Албанија, Идризи нагласи:
„Грција често ги користи островите Отони и Ерикуса. Ако Албанија го прифаќа ова и ако не тврди дека овие острови не можат да имаат 12 милји територијални води, утре ова ќе претставува пример во дискусиите за посебниот договор за економската зона меѓу Албанија и Грција. Нормално, со тоа, економската зона на Албанија и континенталниот гребен ќе се намалат енормно во тој регион кој е познат по резервите на нафта и гас.“
Идризи, истакнувајќи дека Албанија како членка на НАТО не треба да биде страна во тензиите во Источниот Медитеран, рече:
„Ја разбирам секоја земја што силно ги брани својот национален суверенитет и своите права, но несомнено е да се постигне компромис за мир, отколку да има несогласувања.“
- „Грција не може да ги прошири своите територијални води на 12 милји кон Албанија“ -
Нагласувајќи дека Албанија нема што да преговара со Грција за територијалните води дефинирани со меѓународните договори, Идризи рече: „Беше огромна грешка што Албанија влезе во преговори за своите територијални води. Со договорот кој беше одбиен од страна на Уставниот суд на Албанија, Албанија губеше 340 квадратни километри. Албанија мора да биде многу внимателна.“
Понатаму, Идризи рече дека Грција не може да ги прошири своите територијални води на 12 милји во правец на Албанија и дека во спротивно, со тоа ќе се стигне до ридовите на Химара во југозападна Албанија, дека е потребно стручно мислење за ова прашање и дека треба да бидат информирани партнерите во НАТО.
- „Се надмина критичната тензичност меѓу Турција и Грција“ -
Поранешниот албански министер за надворешни работи, Паскал Мило, истакна дека ако изјавите се разгледаат во поширок регионален контекст и ако се погледне развојот на настаните во Источниот Медитеран, изјавата ќе предизвика во Албанија да се појават различни реакции, позитивни и негативни.

Според Мило, дали изјавата е официјално соопштение, или пак е цел на Грција која сака да ја реализира во евентуален договор со Албанија, тоа ќе го покаже времето.
Тој исто така изјави дека преговорите за прашањата меѓу Албанија и Грција можат да бидат повторно отворени.
Посочувајќи дека грчко-турските тензии во Егејското Море е историско прашање, Мило рече:
„На еден или на друг начин, оваа напнатост постои со години, но во овој момент ми се чини дека е надмината критичната напнатост меѓу двете земји во регионот. Фактот дека ова не е само билатерално прашање, и дека е регион каде што се вкрстуваат интересите на многу земји, сили, НАТО и ЕУ, тензијата станува уште поважна. Верувам дека тензијата ќе се намали, бидејќи во толку чувствителен регион и не е во интерес на ниту една од страните конфликтот да ескалира до точка од која не е лесно за никого да управува.“
- „Ако Грција ги прошири своите територијални води без договор, ќе имаме спор“ -
Муслум Пашај, поранешен директор на албанскиот Институт за воена географија, експерт за картографија, истакна дека проширувањето на територијалните води треба да се направи со договор и согласност на страните.
Наведувајќи дека во принцип, секоја земја според меѓународното право има право да ги прошири своите територијални води, Пашај рече дека Албанија и Грција се под различни услови поради Отранската врата и Крф.
Пашај во однос на фактот дека Грција во регионот е претставена со група острови и дека за тоа се потребни преговори, рече: „Може ли еден мал остров да добие повеќе копнени води во споредба со Карабурун [полуостровот на југозападот од Албанија]? Не.“
Тој нагласи дека ситуацијата меѓу Грција и Турција е спорна, и додаде: „Нашата ситуација не е спорна, но ако Грција без договор со нас, со употреба или без употреба на сила ги прошири територијалните води, тогаш ќе имаме спор.“