Derya Gülnaz Özcan
13 Септември 2021•Ажурирај: 14 Септември 2021
АТИНА (АА) – Во Грција од денес ќе се спроведуваат нови мерки во рамките на борбата против новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на новите мерки објавени во Службен весник, вработените во приватниот и јавниот сектор кои не се вакцинирани и кои не прележале Ковид-19 во последните 6 месеци се задолжуваат да прават тест за Ковид-19 еднаш неделно.
Наставниците, вработените во туризмот и во индустријата за храна и пијалаци и персоналот вклучен во телевизиски, кино, театарски, музички и танцови продукции се задолжуваат да се тестираат двапати неделно.
За тестовите за Ковид-19 во приватните клиники утврдена е фиксна цена од 10 евра. Вработените сами ќе плаќаат.
- Нови мерки при патувањата -
На граѓаните над 12-годишна возраст кои не се вакцинирани, а сакаат да патуваат со авион, воз, автобус или брод и да учествуваат во активности во затворени простории, како што се кина и театри, ќе им биде побарано тест за Ковид-19 направен во последните 48 часа или документ што покажува дека лицето имало Ковид-19 во последните шест месеци.
Се наведува дека само граѓаните кои се вакцинирани против Ковид-19 и пациентите со симптоми ќе имаат можност за бесплатно тестирање.
Денеска започнува учебната 2021-2022 година. Се наведува дека учениците од основните и средните училишта треба два пати неделно да направат тестови дома. Тестовите ќе може да се добијат бесплатно од аптеките.
- Нови ограничувања во затворен простор -
Со новата регулатива, муштериите што ќе сакаат да добиваат услуга во затворени места како што се ресторани, кафулиња, барови, центри за забава и љубителите на спортот кои ќе бидат на стадионите, ќе треба да имаат сертификат за примени вакцини против Ковид-19 или да имаат документ дека имале Ковид-19 во последните шест месеци.
- Пронајдени се и варијантите Делта и Му -
За време на пандемијата во Грција од Ковид-19 животот го загубија 14.169 лица.
Во земјата во просек дневно се регистрираат околу 2.000 случаи на Ковид-19, а исто така регистрирани се варијантите Делта и Му.