Selen Temizer
13 Септември 2021•Ажурирај: 14 Септември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Портпаролот на Европската комисија, Балаж Ујвари, истакна дека Унијата може да го зголеми износот на хуманитарна помош за Авганистанците доколку тоа е потребно, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На дневната прес-конференција на портпаролите на Комисијата, Ујвари потсети дека износот на хуманитарна помош што ЕУ ќе ја обезбеди за Авганистанците во и надвор од земјата е зголемен од 50 милиони на 200 милиони евра.
„Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата. Доколку се појават дополнителни потреби, ќе се потрудиме да собереме дополнителни средства“, нагласи портпаролот.
- Авганистан е на дневен ред во Европскиот парламент -
Состојбата во Авганистан ќе биде на дневен ред и на Парламентот, чии пленарни седници започнаа денеска.
Утре ќе се одржи седница за Авганистан на која ќе учествува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
На седницата ќе се дискутира за хуманитарната ситуација, миграциската криза, мерките што ЕУ ќе ги преземе против овие прашања, и како да се воспостави врска со талибанците.
Покрај тоа, Дејвид Мекалистер, претседател на Комисијата за надворешни односи на Европскиот парламент, и Хуан Фернандо Лопес Агилар, претседател на Комисијата за граѓански слободи, правда и внатрешни работи, ќе одржат прес-конференција на која ќе се осврнат на димензијата на имиграцијата, човековите права и политиките за азил за време на кризата во Авганистан.