Husamedin Gina
29 Ноември 2019•Ажурирај: 30 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања, и координатор на проектот „Граничен премин Лојане – Миратовац“, Бујар Османи, денеска оствари средба со делегација од Министерството за внатрешни работи на Србија, предводена од државниот секретар на Министерството за внатрешни работи и претседател на Комисијата за гранични премини на Србија, Милосав Миличковиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
По средбата, вицепремиерот Бујар Османи и претседателот на Комисијата за гранични премини на Србија, Миличковиќ, одржаа заедничка прес-конференција.
Истакнувајќи дека отворањето на Граничниот премин Лојане – Миратовац е долгогодишна желба на граѓаните од двете страни на границата, вицепремиерот Османи истакна дека границата која физички изнесува 2 километри, за граѓаните е претворена во дистанца од 40 километри.
„Во духот на подобрата регионална соработка помеѓу државите и желбата да им се помогне на локалните жители, ја инициравме оваа идеја за отворање на тој граничен премин“, нагласи Османи.
Претседателот на Комисијата за гранични премини на Србија, Милосав Миличковиќ, истакнувајќи го задоволството од секојдневното унапредување на односите помеѓу двете земји, рече дека е многу важно да се надминат пречките за слободно движење на луѓето, стоките, капиталот и услугите.
Миличковиќ се осврна и на Малиот шенген, договорен помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, во Нови САД.
„Во духот на Малиот шенген и олеснувањето на протокот на капиталот, услугите и луѓето, како и со цел олеснување на животот на локалното население, планираме да го отвориме овој граничен премин и веќе го усогласивме текстот кој ќе биде усвоен до крајот на оваа година“, нагласи Миличковиќ.
За време на разговорот соговорниците заеднички се заложија за унапредување на оваа иницијатива на уште повисоко ниво, па наместо локален премин, како што беше порано предвидено, проектот „Лојане – Миратовац“ да се имплементира како целосно меѓународен граничен премин.