Husamedin Gina
29 Ноември 2019•Ажурирај: 01 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Екипи на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) на Северна Македонија, наредната недела во координација со Владата ќе заминат за Албанија каде што ќе учествуваат во т.н. брза проценка на безбедноста на објектите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Градежната комора при Сојузот на стопански комори и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за квалитетот и сигурноста на градбите во Северна Македонија.
Директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Влатко Шешов, на прес-конференцијата најави дека екипи на ИЗИИС следната недела ќе одат во Албанија каде што ќе учествуваат во т.н. брза проценка на безбедноста на објектите.
„Најверојатно во текот на наредната недела, ИЗИИС со свои тимови, во координација со Владата на Република Северна Македонија, и нормално со Амбасадата на нашата држава во Албанија, ќе прати свои тимови коишто ќе помогнат во инспекција на објектите, пред сѐ за да се означат оние објекти што се опасни за домување понатаму“, нагласи директорот Шешов.
Шешов, осврнувајќи се на градбите во Северна Македонија, рече дека новите објекти, за кои е надлежен ИЗИИС, ги задоволуваат техничките прописи и стандарди и нивото на ризик којшто постои на територијата на Северна Македонија.
„Цврсто стојам пред сите дека ние во нашата држава имаме најквалитетна градба од опкружувањето. Тоа што се случува во Албанија, не е возможно да се случи во новите градби кај нас, затоа што имаме многу поквалитетни градби од Бугарија, од Албанија, од Грција, тоа со сигурност“, рече претседателот на Градежната комора, Ивица Јакимовски.
Тој, додавајќи дека сите објекти се според пропишаните стандарди за армирано-бетонски конструкции, истакна дека може да издржат земјотрес со интензитет од 9 степени или со магнитуда од 6,5 до 7, според Рихтер.
Јакимовски, одговарајќи на новинарско прашање за легализираните градби, рече дека никој не може да гарантира за квалитетот на градбите што се легализираат затоа што постапката при легализација не е иста со онаа при легално градење.
Подвлекувајќи дека секој што учествува во градба на објект, не смее да импровизира, Јаќимовски потенцираше дека не смее да се отстапува од квалитетно домување и упати апел до граѓаните, кога градат, да соработуваат со лиценцирани компании.