ПOTOЧАРИ (АА) - Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, во својот денешен говор во Поточари истакна дека помирување и подобра иднина во Босна и Херцеговина не може да има без правдата и вистината, јавува Anadolu Agency (AA).
„На ова место и на овој ден, пригодни се само тишината и молитвата. Но, времето во коешто живееме бара од нас да зборуваме – да го кренеме гласот и да им одговориме на оние што сѐ уште не ја разбраа или не сакаат да ја разберат страшната порака на геноцидот што е извршен тука“, рече Изетбеговиќ во денешното обраќање пред присутните во Меморијалниот центар.
Тој нагласи дека е добро познато што се случило на ова место во летото 1995 година.
„Одредите на смртта на злосторниците Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, по неколкугодишна опсада го скршија отпорот на исцрпените бранители и погубија илјадници заробени бошњачки мажи и момчиња, сакајќи на овој простор целосно да го сотрат постоењето на еден народ. Што и кому згрешија предавнички убиените момчиња и старци, луѓето кои ги бранеа своите семејства и голите животи, сите до еден, ќе остане тајна, засекогаш скриена во темните бездни на душите на злобниците што ги убија“, потсети членот на Претседателството на БиХ.
Како што рече, сета вина на 15-годишниот Дамир Шуљиќ и на 72-годишниот Алија Салиховиќ е што тие беа муслимани, Бошњаци, и што беа родени во Сребреница.
„Џемила Махмутовиќ, покрај ова, беше виновна за љубовта кон браќата и машкиот дел од роднините, со кои таа остана не сакајќи да ги напушти ниту пред смртта што се ближеше. Исто така, знаеме дека Обединетите нации останаа неми и пасивни. Со денови добиваа точни информации за масакрите што беа во тек, имаа сателитски снимки за растечките масовни гробници, но „заштитената зона на ОН“ кукавички ја препуштија на целосен масакр, кој ќе биде запаметен како најсрамниот момент на Обединетите нации и како еден од најмрачните моменти на човековата цивилизација. Совеста на злосторниците никогаш не се разбуди. Тие и денес, како и во сите 22 години што поминаа, продолжуваат да го кријат и да го негираат злосторството што беше извршено тука“, истакна Изетбеговиќ.
Меѓутоа, објаснува тој, совеста на цивилизираниот свет, по првичниот шок, сепак се активира. Изетбеговиќ потсети дека меѓународните и домашните судови се соочија со ужасите на бруталната ликвидација, масовните гробници, но и со изопаченоста на идеологијата што тоа го нареди. Тие го именуваа тоа со единственото можно име и пресудија – геноцид.
„Морничавото искуство на Сребреница пред сите нас, кои бевме сведоци, постави тешки искушенија и тешки прашања. Понекогаш ни се чини дека нема одговори на овие прашања и искушенија. Но, мора да има одговори. Тие се во иднината исполнета со живот и мир. Патот до таквата иднина води преку помирување. Тоа е потребно за сите – за нас и за генерациите што доаѓаат. Потребно е за никогаш повторно во Босна и Херцеговина, ни една мајка да не мора да ги бара коските на своите деца по масовни гробници Но, едно мора на сите да им биде јасно – помирување и подобра иднина во Босна и Херцеговина не може да има без правдата и вистината“, рече Изетбеговиќ.
„Затоа што вистината“, како што рече тој, „е единствената потпора пред тешките искушенија со коишто се соочуваме секој пат кога ќе се изговори зборот Сребреница. Само зајакнати со вистината ќе бидеме во можност да се спротивставиме на овие искушенија“.
„Темелите на помирувањето мора да се градат на правдата и вистината. На лаги, негирање на геноцидот, релативизирање, провокации какви што видовме и во пресрет на годишнината, помирувањето не е возможно. Помирување и подобра иднина не ќе има додека целосно не биде поразена идеологијата што го создаде геноцидот во Сребреница“, изјави Бакир Изетбеговиќ, член на Претседателството на БиХ.
„Затоа, денес“, истакна тој, „од ова за нас свето место, уште еднаш упатуваме повик до српскиот народ и до неговите политички, верски и интелектуални елити да ја прифатат вистината и да престанат да го негираат геноцидот што е извршен тука – конечно да го направат тој чекор кон вистинско помирување и подобра иднина за сите нас“.
„Вистината од српскиот народ бара да не им ја дава својата доверба на оние што нудат вештачки митови, на оние што го водат во конфликти, на оние на кои народот им е потребен само како соучесник или нема поддршка во злосторство. Такви, за жал, сѐ уште има. Тие продолжуваат со негирањето на геноцидот, одликуваат воени злосторници ставајќи на тој начин сол на раните на преживеаните, продолжуваат секојдневно да се закануваат со отцепување на дел од Босна и Херцеговина. Ние им порачуваме дека во тоа нема да успеат. Никогаш нема да дозволиме Сребреница, Томашица, Брчко, Зворник и сите други места на ужасни злосторства над невините босански луѓе, да бидат што и да е друго, освен Босна и Херцеговина“, рече Изетбеговиќ.
„Од меѓународната заедница“, рече тој, „вистината бара ужасната лекција од летото 1995 година да биде научена за да се спречат идните Сребреници. Гледајќи со немир сѐ што случува во светот денес, се плашам дека оваа лекција, за жал, не е целосно научена“.
„За Бошњаците, Сребреница е најдлабока рана, и тие никогаш нема да ја заборават. Насилството на кое беа изложени бара од Бошњаците да ја презираат идејата за насилна одмазда, и тие ја презираат. Тешко е во светот да се најде народ над кој се извршени толку ужасни злосторства, вклучувајќи и геноцид, и кој успеа со своето внатрешно битие и со својата духовна сила да ја надмине потребата за одмазда. Добро е што е така, бидејќи одмаздата би нѐ одвела во маѓепсан круг од кој нема излез. Нашата единствена одмазда мора да бидат, а тоа и се, правдата и вистината. Затоа, од борбата за вистината и правдата никогаш нема да се откажеме“, рече Изетбеговиќ.
„Сребреница“, потсети тој, „беше центар на една ужасна трагедија, а потоа сцена на нема тага, но во иднина треба да стане место на помирување“.
„Дали граѓаните на Сребреница и на цела Босна и Херцеговина наскоро ќе почнат да се живеат во иднина исполнета со живот и мир, или тоа за нас ќе остане недостижен сон, зависи исклучиво од подготвеноста да се прифати вистината и да се отфрлат лагите. Вистината навистина е тешка и болна, но колку побрзо биде прифатена, толку поскоро ќе стигнеме до иднината во којашто на овој ден во Поточари, споменот и сеќавањето на жртвите од геноцидот ќе го чествуваме само со молитва и тишина“, рече Бакир Изетбеговиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина.
Во Меморијалниот центар во Поточари денес ќе биде клањана погребната молитва и ќе бидат погребани посмртните остатоци од 71 жртва, меѓу кои и седуммина малолетници.
Меѓу нив има и седуммина малолетници. Најмладата жртва што денес ќе биде погребана во Поточари е 15-годишниот Дамир (Кемал) Суљиќ, чии остатоци беа пронајдени во масовната гробница Бљечева кај Братунац, а најстариот е Али (Хусо) Салиховиќ, роден во 1923 година. Неговите посмртни остатоци беа пронајдени во масовните гробници Зелени Јадар и Пусмулиќи.