Admir Fazlagic
11 Јули 2017•Ажурирај: 12 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод одбележувањето на 22. годишнина од геноцидот над Бошњаците во Сребреница, претседателот на Владата на Република Македонија упати порака во која наведува дека злосторството во Сребреница е дамка на колективната совест на човештвото, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Денес одбележуваме и се сеќаваме на еден мачен ден, за целото човештво, но посебно за бошњачкиот народ. Тоа што се случи во Сребреница пред 22 години е еден од најголемите порази на цивилизациските вредности и лекција што мораме да ја научиме, еднаш засекогаш. На овој ден, пред 22 години откако повеќе од 8,000 луѓе беа убиени, не е доволно да повторуваме 'Никогаш повеќе', туку да се соочиме со минатото и да се поклониме пред жртвите" вели Заев во пораката.
„Ова злосторство против човештвото е дамка на нашата колективна совест, но и најмоќниот потсетник дека мораме да спротиставиме на секоја форма на насилство и да застанеме во одбрана на човековите права и достоинство. Во името на граѓаните на Република Македонија, го изразувам моето најдлабоко сочувство кон семејствата на сите настрадани во Сребреница, но и за сите жртви коишто залудно го загубија својот живот во војната во Босна и Херцеговина", истакнува Заев.
На гробиштата во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари, денес е извршена погребната церемонија и за 71 жртва од геноцидот што во јули 1995 година се случи во Сребреница во „заштитената зона“ на Обединетите нации.
Геноцидот над Бошњаците во Сребреница, во јули пред 22 години го извршија војската и полицијата на Република Српска (РС), како и паравоените формации од РС и на Србија.