Ivana Ramadanova
11 Јули 2017•Ажурирај: 12 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, денес во Скопје беше домаќин на австралиската министерка за надворешни работи, Џули Бишоп, јавува Anadolu Agency (АА).
По остварената тет-а-тет средба, двајцата министри одржаа заедничка прес-конференција на којашто оценија дека потенцијалот за соработка меѓу Македонија и Австралија е огромен и дека денешната прва посета на австралиски министер за надворешни работи на Македонија е добар старт потенцијалот да почне да се искористува.
Министерот Димитров посочи дека ова е прва посета на министер од Австралија од прогласувањето на независноста на Македонија во 1991 година.
„Има огромен потенцијал за развој на билатералните односи и ќе ја искористиме оваа посета и ова внимание што го добива регионот како еден старт на искористување на овој потенцијал. Се надеваме дека ова е само еден почеток. Сакаме да има, можеби не пречести со оглед на реалноста на географијата, меѓутоа редовни средби и на министерско и на повисоко ниво, меѓу Република Македонија и Австралија“, рече Димитров.
Тој истакна дека значаен дел во разговорите посветиле токму на македонската дијаспора во Австралија, како мост за соработка меѓу двете земји и како еден од темелите на коишто ќе можеме и понатаму да ги градиме односите.
Бишоп во своето обраќање пред новинарите истакна дека ѝ е особено драго што е присутна во Македонија во време кога граѓаните имаат големи очекувања, кога е формирана нова влада и кога оваа земја врти нова страница и отвора ново поглавје.
„Земјата отвора ново поглавје, и Австралија ве охрабрува во спроведувањето на сите задачи што се поставени на агендата – економските реформи, заложбите за демократија, демократските вредности, владеење на правото и човековите права, нулта толеранција за корупцијата. Треба да се поддржат напорите во овие цели и ќе направиме сѐ што можеме за да ве поттикнеме во вашите напори“, рече Бишоп.
Министрите за надворешни работи се осврнаа и на можностите за зголемување на економската соработка, на трговската размена меѓу двете земји, како и за глобалните предизвици како што се мигрантската и бегалската криза, борбата против тероризмот и заедничките напори што можат да ги направат двете земји како дел од коалицијата против ДЕАШ.
Шефот на австралиската дипломатија во Скопје попладнево ќе има средба и со претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери.