Филипче: „Ниту еден пациент не чека за лек за малигна болест“
Министерот Филипче во изјава за медиумите рече дека во последните години е направен значаен чекор напред во третманот, дијагнозата и превенцијата на малигните заболувања

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, присуствуваше на одбележувањето на 4 Февруари - Светскиот ден за борба против ракот, организиран од Здружението за борба против рак „Борка“, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во изјава за медиумите, министерот Филипче рече дека во последните години е направен значаен чекор напред во третманот, дијагнозата и превенцијата на малигните заболувања.
„Во изминативе две години се започнаа и се завршија процеси кои значат дека сега во нашата држава нема ниту еден пациент што чека за лек за малигна болест. Имаме 30 нови молекули на најсовремена биолошка терапија, сите тие лекови и терапии се сертифицирани од оригиналните производители“, изјави Филипче.
Министерот исто така рече дека целокупниот дел на партиципација ја покрива државата, и порача дека раното откривање може да значи целосно излекување.
Претседателката на здружението „Борка“, Биба Додева, рече дека нејзината цел е да се подигне свеста за превенција на болеста, додавајќи дека тоа може да се направи во соработка со државните институции.
„Овој ден се одбележува уште од 2000-тата година и целта ни е да се здружат сите сили од Владата, институциите, невладиниот сектор, сѐ со цел да се подигне свесноста за превенција, рана дијагноза, современ и навремен третман на ракот на луѓето што се заболени и што се детектирани од какви било малигни заболувања“, рече Додева.
Министерот Филипче беше запрашан и за новиот коронавирус, при што рече дека Северна Македонија ги презела сите неопходни мерки. Потсетувајќи дека не е регистриран случај на коронавирус во Северна Македонија и регионот, тој истакна дека земјата има доволно количество заштитна опрема.
Новиот коронавирус, познат како 2019-nCoV, за првпат се појави во градот Вухан во Кина. Кинеските власти соопштија дека бројот на починати во Кина достигнал 425 лица, а околу 20.000 лица се заразени.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.