Admir Fazlagic
20 Март 2020•Ажурирај: 20 Март 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, соопшти дека се потврдени 19 новозаболени на коронавирусот (Ковид-19), и дека бројката на дијагностицирани пациенти во земјата се зголеми на 67 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Состојбата со коронавирусот во земјата - 19 новозаболени на коронавирус - бројката на дијагностицирани пациенти во земјата е 67 лица“, соопшти министерот Филипче во објава на социјалните мрежи.
Тој информира дека вчера попладне и во текот на ноќта преку Институтот за јавно здравје беа тестирани 71 лице.
„Од нив 2 лица се позитивни на вирусот, едно лице од Скопје - контакт на веќе потврден и дијагностициран пациент од Скопје и едно од Охрид - дојдено од Бреша, Италија, кое било во контакт со потврдени и заболени пациенти од коронавирусот во Италија“, информира Филипче.
Според него, најголем дел од тестирањата направени преку Институтот за јавно здравје се во рамките на раниот скрининг, кај лица со поширока индикација.
„На клиниката „Жан Митрев“ се тестирани и позитивни на вирусот уште 17 пациенти, кои ќе бидат потврдени во текот на денот“, додаде Филипче.
Потсетуваме, претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 18 март прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава, со цел полесно справување со борбата против ширењето на коронавирусот.