Husamedin Gina
15 Јули 2021•Ажурирај: 16 Јули 2021
СКОПЈЕ (АА) – Mинистерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, истакна дека Министерството има долгогодишна соработка со Македонско-турската стопанска комора во Македонија (МАТТО) и бележи исклучителна поддршка во унапредување на македонскиот здравствен систем низ годините, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Mинистерот Филипче, според писменото соопштение од Министерството за здравство, учествуваше на состанокот на Управниот одбор на МАТТО.
Во своето обраќање до присутните Филипче се заблагодари за помошта и поддршката која многу компании членки на МАТТО ја дадоа на јавното здравство.
„Министерството има долгогодишна соработка со МАТТО и бележи исклучителна поддршка во унапредување на македонскиот здравствен систем низ годините, а исклучително во изминатите неколку години“, рече Филипче.
На состанокот, според соопштението, министерот ја истакнал средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и донацијата на вакцини, која нашата земја ја доби од Турција.
Меѓу другото, Филипче на состанокот го истакнал и значењето на приватниот капитал во здравствениот систем како еден сегмент од целокупното здравство „кој во условите на пандемијата покажа дека може добро да се справи со целата ситуација“.
Претседателот на Комората, Ајдован Адемоски, истакна дека МАТТО е петти партнер во областа на инвестициите на Северна Македонија и осми во областа на трговијата.
„Моменталниот обем на трговија изнесува околу 500 милиони долари. Мисија на МАТТО е и да биде економски мост помеѓу двете земји. Иако МАТТО е Стопанска комора, таа, исто така е и истражувачка организација, бидејќи поддршката која ѝ ја пружа на нејзините членови и сродни компании во голема мера се заснова на информации и контакти“, рече Адемоски.