Admir Fazlagic
08 Ноември 2020•Ажурирај: 09 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Министерот за здравство на Република Северна Македонија Венко Филипче истакна дека состојбата со коронавирусот (Ковид-19) во земјава е критична, а дека болниците веќе ги полнат сите капацитети, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Филипче ова го изјави во видео-порака до јавноста која ја објави Министерството за здравство на Северна Македонија.
„Пред нас е веројатно најтешкиот период на справување со пандемијата. Барам сите да бидеме максимално одговорни и свесни за сериозноста на состојбата. Вирусот е широко проширен. Секое најмало невнимание или непочитување на мерките за заштита може да значи инфекција. Сега ни е потребна поддршка повеќе од било кога во изминатите осум месеци. Тоа што го бараме како здравствени работници е навистина малку - само да го штитите сопственото здравје“, рече министерот Филипче.
Тој потенцираше дека сите ние жртвуваме нешто во нашите животи оваа година.
„За некои од нас жртвата значеше помалку финансии, загубена работа, неможност да се видиме со нашите блиски. За други тоа значеше месеци и месеци непрекината работа без одмор. За трети пак таа жртва значеше загубено здравје или загубен живот. Колку доследно ќе ги почитуваме мерките за заштита ќе биде одлучувачки за тоа колку дополнително ќе се жртвуваме до крајот на пандемијата. Секој за себе ќе реши дали неговата жртва ќе е носењето маска, негрупирањето, држењето дистанца, или пак жртвата ќе значи продолжување на здравствената и економска несигурност. Изборот е тој, а моќта за промена на работите е кај секој од нас. Почитувајте ги мерките доследно. Носењето маска и држењето дистанца се многу мала жртва во споредба со се друго“, посочи министерот Филипче.
Во Република Северна Македонија според последниот извештај на здравствените власти објавен вчера, за 24 часа се регистрирани рекордни 1285 нови случаи на коронавирусот (Ковид-19), што е рекордна бројка на регистрирани случаи на овој вирус во едно деноноќие. Со ова, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во Северна Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 38.782.
Од последиците на Ковид-19 се починати 14 лица, со што вкупната бројка на смртните случаи предизвикани од овој вирус во земјата се искачи на 1.110.