Admir Fazlagic
07 Ноември 2020•Ажурирај: 09 Ноември 2020
СКОПЈЕ
Државниот врв на Република Северна Македонија упати честитки на кандидатот на демократите Џо Бајден за победата на претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Честитки за Џо Бајден и Камала Харис за изборната победа! Очекувам македонско-американското стратешко партнерство да продолжи, а САД да ја реафирмира својата глобална улога во зачувувањето на заедничките вредности: мирот, безбедноста и демократијата", напиша Пендаровски на неговиот официјален профил на социјалните мрежи.
„Честитки за новоизбраниот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис! Сигурен сум дека ќе продолжиме да ги развиваме одличните односи кои ги имаме со САД и да го продлабочуваме нашето сојузништво во НАТО, но и на сите полиња. Иднината пред нас е светла!", истакна премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, во објава на социјалните мрежи.
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша: „ Честитки до избраниот претседател Џо Бајден и избраната потпретседателка Камала Харис, на вашиот избор за ново раководство на САД. Ние споделуваме важно стратешко партнерство и очекуваме продолжување на позитивната билатерална и мултилатерална соработка."
Кандидатот на демократите за претседател на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден, победи во сојузната држава Пенсилванија, освојувјќи со тоа 270 гласови од електорите, колку што му беше потребно за влез во Белата куќа како 46. претседател на САД.
На патот до победата над републиканскиот кандидат и претседател на САД, Доналд Трамп, Бајден исто така победи во сојузните држави Аризона, Висконсин и Мичиген, каде Трамп победи во 2016 година.
Бајден до победата дојде три дена по оджаните претседателски избори во САД, на кои излезе, како што се тврди, рекорден број глсачи, а голем број гласови пристигнаа преку пошта, што го успори процесот на броењето.