Husamedin Gina
30 Октомври 2020•Ажурирај: 31 Октомври 2020
СКОПЈЕ
Денеска на Меѓународниот аеродром Скопје пристигна донацијата од 60 транспортни респиратори од НАТО Доверителниот фонд за одговор на пандемијата чија вкупна вредност изнесува 1,4 милиони евра, јавува Агенција Анадолија (АА).
На аеродромот, донацијата ја примија министерката за одбрана на Северна Македонија Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерот за здравство Венко Филипче.
По приемот на донацијата, министрите Шекеринска, Османи и Филипче дадоа изјава за медиумите.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека со денешната донација „може да се види зошто беше многу важно Северна Македонија да стане членка на НАТО и да се види како овој сојуз, најмоќен, значи солидарност не само на збор туку и на дело."
„Се работи за средства во износ од над 1,4 милиони евра кој што се донирани од страна на УСАИД значи на САД, се дел од НАТО залихите на медицинска опрема лоцирани во Италија, стигнаа овде со авион на италијанското воздухопловство кој што беше финансиран од страна на Луксембург“, нагласи Шекеринска.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи истакна дека ова е време на предизвици и вирусот е сѐ поприсутен и сѐ поопасен.
„Ова е време кога солидарноста помеѓу луѓето и помеѓу државите и сојузниците е најважно. Мислам дека денеска се покажува дека повеќе никогаш нема да сме сами во борбата против било кој непријател, дали е невидлив или видлив“, рече Бујар Османи.
Истакнувајќи дека симбол на оваа здравствена криза е солидарноста, министерот за здравство Венко Филипче, рече дека сите земји покажаа што значи да се помага меѓу себе и да се споделуваат искуства и знаење.
Во однос на тоа дали се е спремно за користење на НАТО донацијата од 60 респираторни машини, министерот рече дека одделите во болницата „8 Септември“ и кадарот се спремни и дека уредите ќе се користат за транспорт на пациентите во амбулантните возила од една болничка установа во друга.
„Има кадар кој што има огромно искуство во работа со овие машини пред се , анестезиолози, меѓутоа и инфектолози и дел од интернистите коишто во рамките на своите одделенија и болници имаат оддели за интензивно лекување“, додаде министерот Филипче.
На новинарско прашање за донесените мерки за справување со кризата Ковид-19, Филиче истакна дека доколку доследно се почитуваат тие треба да дадат резултати, а резултатот од нивното спроведување се очекуваат за еден месец.