Esat Fırat
06 Август 2019•Ажурирај: 06 Август 2019
ВИТЛЕЕМ
Израелските сили урнаа некои палестински објекти во градот Витлеем во окупираниот Западен Брег, тврдејќи дека „немаат дозволи“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Хасан Бурејџије, претставникот од Витлеем на Делегацијата за борба против ѕидовите на поделба и населбите при администрацијата на Палестина, во изјава за АА истакна дека израелските војници со булдожери извршиле рација во маалото Бир Авне во областа Бејт Џала во Витлеем и дека урнале четири палестински монтажни куќи и една куќа во изградба.
Бурејџије истакна дека образложението за уривање на куќите е тоа дека се наоѓаат во Зоната Ц според Договорот од Осло и дека „немаат дозволи“.
Според палестинските извори, израелските власти само минатата година урнале над 500 палестински домови и бизниси во окупираниот Источен Ерусалим и Западниот Брег.
Во рамки на Вториот договор во Осло потпишан во 1995 година меѓу Палестина и администрацијата на Израел, Западниот Брег беше поделен во три зони, А, Б и Ц.
Според овој договор, Палестина управува со Зоната А (18 отсто од Западниот Брег), од административен и безбедносен аспект; исто така, управува со Зоната Б (21 отсто од Западниот Брег), само од административен аспект, додека Израел управува со безбедноста. Израел ја има целата управа во Зоната Ц (61 отсто од Западниот Брег), како од административен, така и од безбедносен аспект.
Израелската Влада не дозволува Палестинците да градат куќи во Зоната Ц затоа што таа е под нивна контрола.