архива

Пристапот на Македонија кон ФЕТО, тест за искреноста

Одлуката на Владата на Македонија да додели финансиски средства на весникот „Заман Македонија“, близок до терористичката организација ФЕТО, силно одекна во земјата и регионот, и предизвика бројни негативни реакции

Ekipa  | 31.01.2019 - Обновена : 04.11.2019
Пристапот на Македонија кон ФЕТО, тест за искреноста

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Македонија го објави списокот на медиуми на кои им се доделени финансиски средства од Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018 година, пишува Anadolu Agency (AA).

За добивање финансиска поддршка од Владата на Македонија се пријавиле 13 медиуми, од кои 11 добија владина поддршка. Меѓу 11-те медиуми кои добија владина поддршка е и весникот „Заман Македонија”, кој е поврзан со терористичката организација ФЕТО, која стои зад неуспешниот обид за државен удар во Турција од 15 јули 2016 година, во кој загинаа 251 лица, а речиси 2.200 беа повредени.

Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.

Одлуката на Владата на Македонија да додели финансиски средства на весник близок до терористичката организација ФЕТО силно одекна во земјата и регионот, и предизвика бројни негативни реакции кај турските политички партии во земјата и турските граѓански здруженија. Реагираа и граѓани на Македонија од различни етнички заедници кои на социјалните мрежи изразија незадоволство поради фактот што Владата на Македонија финансиски поддржа весник поврзан со терористичката организација ФЕТО, истакнувајќи дека македонскиот и турскиот народ се пријателски народи, кои негуваат исклучително добри односи.

Амбасадата на Турција во Скопје реагираше со потсетување на традиционално добрите односи помеѓу двете земји како и за поддршката во различни области која Турција ја дава на Македонија.

Информациите во врска со структурите на терористичката организација ФЕТО веќе подолго време се познати на јавноста во Македонија, како и на релевантните институции.

Од неуспешниот обид за државен удар во Турција, кога пучистите на ФЕТО сакаа да ја соборат легитимно избраната власт на Турција, постојано се зборува за борбата против овој проблем како и потребата за негово решавање.

Во разговор за Anadolu Agency (AA), Роберт Поповски, министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, беше запрашан зошто на листата на печатени медиуми кои добија финансиска поддршка од Владата на Македонија се наоѓа весник поврзан со терористичката организација ФЕТО, со оглед на тоа што во неколку наврати и самите функционери на Владата на Македонија, меѓу кои и премиерот Зоран Заев изјавуваат дека Македонија ја поддржува Турција против терористичката организација ФЕТО, а од друга страна Владата доделува финансиска поддршка за весник поврзан со оваа терористичка организација.

Министерот Поповски вели дека критериумите за доделување на поддршка на печатените медиуми во Република Македонија биле изработени заедно со Здружението на новинари на Република Македонија, со Здружението на печатени медиуми и биле јасно истакнати, како и дека имале можност да учествуваат на тој конкурс сите печатени медиуми коишто излегувааат или се објавуваат во Република Македонија.

„Јас никогаш не би направил разлика кој каков медиум е додека нешто официјално не биде доставено. Вие велите дека многумина зборувале, меѓутоа, официјален таков податок или допис до мене не е стигнат ниту од една страна. Од тие причини сознанијата дали некој е на некаква листа или не, не беа јасно, прецизно презентирани, Владата и јас немаме информација од ниту една страна. Можеби се коментирало, се шпекулирало, можеби во Турција тоа е јавно објавено, но до нас не е стигнат никаков допис. Од тие причини сите оние печатени медиуми што конкурираа ја добија поддршката на Владата“, изјави Поповски.

Запрашан дали ќе бидат земени предвид реакциите на Амбасадата на Турција во Република Македонија и на турските политички партии и граѓанските здруженија кои го изразија своето незадоволство од одлуката да биде доделена финансиска поддршка од Владата на Македонија на весник поврзан со терористичката организација ФЕТО, министерот Поповски истакна:

„Секогаш ќе биде земена предвид секоја реакција. Ние сме отворени ќе го разговараме тоа со здруженијата, со новинарските заедници, Владата не настапува сама и ќе го разгледаме тоа прашање. Апсолутно ќе биде земено в предвид“, рече Поповски.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, запрашан во врска со овој случај, вели дека тој не знае кои медиуми се вклучени во тој проект од причина што вклучувањето на медиумите било во постапка којашто барала исполнување на одредени критериуми. Во врска со тоа дали ќе бидат земени предвид реакциите во кои е изразено незадоволството поради одлуката на Владата да додели финансиска поддршка на медиум поврзан со терористичката организација ФЕТО, Чадиковски вели дека доколку до нив дојде барање ќе го испитаат без оглед од која институција доаѓа, и дека тие како Управен одбор на ЗНМ ќе одлучат, напоменувајќи дека тие „се на страна на новинарите во сите ситуации.“

- Изјави на претставници на Владата на Македонија за поддршка на Турција против терористичката организација ФЕТО -

Во контекст на претходните изјави, важно е да се напомене дека претставниците на Владата на Македонија во неколку наврати изјавија дека Македонија ја поддржува Турција во борбата против ФЕТО, но освен изјави на поддршка, сѐ уште нема никаков конкретен чекор во таа насока. 

Напротив, како што може да се види, Владата на Македонија доделува и финансиска поддршка во износ од 903.092 денари (околу 14.670 евра) на весникот „Заман Македонија”, кој е познат по поврзаноста со ФЕТО.

Во тој контекст, би било добро да се потсетиме на изјавата на премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, дадена за време на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик – 21 декември 2017 година, кога рече дека Македонија ја поддржува Турција во борбата против терористичката организација ФЕТО.

„Нашите две земји немаат отворено прашање. Македонија ја поддржува Турција против терористичката организација ФЕТО и тоа ќе го докажеме со нашето пријателство во иднина“, рече Заев.

Во таа пригода, премиерот Заев потсети и дека од Република Турција, како членка на НАТО, Македонија постојано добива безрезервна и целосна поддршка за исполнување на нејзините аспирации.

Македонскиот премиер тогаш рече дека Република Турција е меѓу најголемите донатори на опрема за Армијата на Република Македонија, при што истакна дека Владата на Република Македонија го прифатила договорот за воена финансиска соработка меѓу министерствата за одбрана на Македонија и Турција, кој предвидува поддршка вредна 1,5 милион долари од страна на Република Турција за Република Македонија. 

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, за време на неодамнешната официјална посета на Република Турција, на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Македонија цврсто стои покрај Турција во значајната борба против тероризмот.

„Македонија цврсто стои покрај Турција во значајната борба против тероризмот, ние сме спремни и имаме политичка волја во рамките на нашите правни обврски во однос на националното и меѓународното право, да сториме сѐ што можеме да ѝ помогнеме на Турција во ова значајно прашање“, рече Димитров.

Меѓу другото, шефот на македонската дипломатија за време на посетата на официјална Анкара односите на Македонија и Турција ги опиша со недипломатски речник, како што и самиот тој кажа, истакнувајќи дека тие се „романтични”.

„Пријателството е толку блиско што оди подалеку од постоечките политички идеологии, тоа е длабоко вкоренето во луѓето, бизнисите и граѓаните на двете земји“, рече Димитров и додаде дека двете земји можат да направат повеќе преку фокусирање и поставување приоритети.

- Поддршка од Турција за Македонија за стратешките цели, членството во ЕУ и НАТО -

Добро познат е и фактот дека Република Турција ја поддржува Република Македонија во нејзините стратешки цели – членството во ЕУ и во НАТО. 

Уште од осамостојувањето на Република Македонија, Турција ја признава Македонија под нејзиното уставно име и во сите документи на НАТО каде не се спомнуваше уставното име на Македонија, од страна на Турција со фуснота е наведено дека оваа земја ја признава Македонија со нејзиното уставно име – Република Македонија.

Освен тоа, и во врска со решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција, Турција ја поздрави ратификацијата на Преспанскиот договор, со разбирање дека е отстранета пречката пред членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

- Долгогодишни стратешки односи помеѓу Македонија и Турција -

За пријателските и стратешките односи помеѓу Македонија и Турција во разговор за Anadolu Agency (AA) во јули минатата година говореше и националниот координатор на Македонија за НАТО, Стево Пендаровски.

„Во изминативе 27 години од нашата независност, Турција секогаш даваше безусловна поддршка во која било меѓународна институција. Не велеше „ние ќе ве поддржиме, ама бараме за возврат“, никогаш не се случило тоа. Ако се прави некоја компарација во однос на нашите стратешки партнери, таков тип на стандардна, континуирана поддршка, ако ги исклучиме за момент САД, Турција е веројатно прва на топ-листата, која дури мислам и поконзистентно од САД, во сите овие години даваше поддршка и немаше никакво размислување дали тоа треба да се прави, сосема независно кој беше на власт во Турција.“

Сепак, освен пофалните зборови за односите на двете земји, посебно во делот на поддршката на Турција за стратешките цели на Македонија, нема никакви преземени мерки во врска со барањата на Турција за борбата против терористичката организација ФЕТО, за која се испостави дека не е закана само по безбедноста на Турција, туку и за сите земји во кои со своите структури е присутна.

- Бројни проекти на турски институции во Македонија -

Од друга страна, не е за потценување и вреди да се наведе и фактот дека Турската Агенција за соработка и координација (ТИКА), која во Македонија работи од 2005 година, досега има реализирано над 900 проекти од области како што се образованието, здравството, инфраструктурата и заштитата на културното наследство. 

Турскиот културен центар - Институт „Јунус Емре” – Скопје, организира различни културни и научни активности, меѓу кои и курсеви по турски јазик, при што учество земаат бројни припадници на Армијата на Република Македонја и Министерството за одбрана, како и бројни личности од јавниот сектор.

Освен политиката и културата, вреди да се напомене и спортот, како област во која турските компании во Македонија постојано даваат поддршка на спортските клубови, особено во кошарката.

Освен добрите односи помеѓу земјите на политичко, економско и културно ниво, важно за истакнување е дека и турскиот и македонскиот народ негуваат заемно почитување и се сметаат за братски народи, со оглед на бројните заеднички културни и историски вредности и блискоста која произлегува од долгогодишниот заеднички живот на балканските простори.

Терористичката организација ФЕТО со својот неуспешен обид за државен удар во Република Турција во јули 2016 година нанесе болка на сите оние невини граѓани кои излегоа да ја бранат својата татковина од пучистите и да ја сочуваат својата татковина со тоа што беа повредени илјадници граѓани, а стотици беа убиени.

Овие граѓани на Турција како и бројните граѓани од турската етничка заедница во Македонија сметаат дека со секаков вид поддршка на терористите на ФЕТО им се нанесува болка на нивните сѐ уште неизлекувани рани од предавничкиот чин, но и се доведува во прашање искреното пријателство и братскиот пристап кон турската држава и турскиот народ, кој секогаш безусловно ја поддржувал Македонија и нејзините граѓани, во сите важни сфери на секојдневното живеење.

Од сите наведени причини, турскиот народ во Македонија и граѓаните на Турција очекуваат посериозен пристап на македонските институции во однос на борбата против терористичката организација ФЕТО. 

Свесни од фактот дека Република Турција ја поддржува Република Македонија од првите денови на прогласувањето независност во сега веќе далечната 1991 година, турските граѓани и официјални институции очекуваат чекорите во насока на борбата против тероризмот да кореспондираат во насока на изјавите на македонските високи политички претставници „пријателски и братски“, во смисла дека „Непријателот на мојот пријател е и мој непријател“. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın