Admir Fazlagikj
01 Август 2016•Ажурирај: 02 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ - Обидот за државниот удар во Турција навистина предизвика големо внимание во медиумите во светски рамки. Секако дека тоа беше очекувано, но особено интересен беше начинот на кој медиумите известуваа за овој крвав обид во една од најубавите земји во светот.
Обидот за државен удар се случи на 15 јули, од страна на терористичката организација ФЕТО, а тој беше спречен од страна на граѓаните и безбедносните сили, кои масовно излегоа и го спречија овој злонамерен обид. Тој настан со големо внимание беше следен и во Македонија, како медиумски, така и од страна на политичката елита, а секако полни со коментари беа и социјалните мрежи. Доколку се вратиме само неколку дена наназад и почнеме да го прелистуваме печатот за да увидиме што пишувале дел од медиумите, ќе увидиме дека постојат многубројни небулози во самиот начин на известувањето, при што не беа запазени новинарските стандарди и се ширеа различни шпекулации кои беа тенденциозни во поглед на нарушување на угледот на турската држава и турската власт.
Но, како што се одвиваше развојот на настаните во најмрачната ноќ на турската политичка историја, во вода паднаа сите оние обиди за медиумски спинови и лажно претставување на нештата откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во своето јавување покажа дека е во земјата со својот народ. Тој го повика народот на улиците за да ја одбрани својата демократија, својата држава, својата чест и достоинство. За работата да биде уште понебулозна, ова го прават оние медиуми што се колнат во демократијата, но по сѐ изгледа тоа е демократија и слобода на говор што само ним им е позната.
Добро би било да се споменат и дел од колумнистите, кои себеси се претставуваат како некои си добри познавачи на нештата, борци за човекови права и демократија, и сакаат да го оправдаат обидот за државен удар. Логично, се поставува прашањето, доколу се демократи, како можат да оправдаат обид за државен удар во земја каде што власта е избрана на легитимни избори кои ги има признаено и опозицијата? Како е можно „големите” демократи да изразуваат поддршка на луѓе кои со оружјето на народот се свртеле кон истиот народ што им го дал правото да ги брани? Од кога тоа се нарекува „битка за слобода”? Од кога класичните терористички изливи се оправдани, или пак тоа важи само кога се работи за Турција ?
Од многубројните нејаснотии во однос на оправдување на нештата, добро е да се спомене и контроверзната изјава на еврокомесарот Јоханес Хан, кој како што пренесуваат медиумите, рекол дека наводно Турција имала подготвена листа на лица што ќе ги апси пред обидот за пуч. Прашање до оние што се повикуваат на неговата изјава: од кога Хан стана релевантен за демократија, кога при преговорите со политичките партии во Македонија, а и за многу други прашања на земјите од Балканот од страна на дел од „борците за слобода“ беше прогласен за корумпиран еврократ? Како веднаш неговите зборови добија на тежина, или пак не е важно кој зборува, важно е да е против Турција и против легално избраната турска власт?
Добро би било прозападно ориентираните медиуми во балканските земји, а и пошироко, исто така и некои од таканаречените граѓански активисти пред да изнесат низа неточни информации околу Турција и турската власт, да се потсетат дека Турција е една од првите три држави што ја призна Македонија под нејзиното уставно име. Турција во сите поважни документи фигурира како силен поддржувач на Македонија во евроатлантскиот процес, земја што во многу ситуации и на многу начини ѝ има помагано на Република Македонија и на сите земји од Балканот со различни донации.
За волја на вистината, турските инвестиции во Република Македонија изнесуваат повеќе од една милијарда евра, што за една економија како што е македонската значи многу, и повеќе од тоа. Од друга страна, добро е да ве потсетам дека Турската агенција за соработка и координација ТИКА, во Република Македонија, за последните неколку години има реализирано повеќе од 450 проекти во кои спаѓаат проекти во јавниот сектор, од инфраструктурата, образованието, администрацијата, судството, спортот и во другите области. Истото тоа го прави и во Србија, Босна и Херцеговина, како и во другите земји од Балканот.
За демократијата не треба само да се зборува и да се размислува, таа треба да се живее, а ако демократијата значи владеење на народот, тогаш погледнете ги преполните плоштади во сите поголеми турски градови, каде што десетици илјадници граѓани, без оглед на политичката, етничката, верската и која било друга определба со денови излегуваат за поддршка на легално избраната власт, штитејќи ги своите права и своето достоинство. Истите тие луѓе, обични граѓани, со голи раце и голема храброст застанаа пред тенковите, не се плашеа од оружјето на пучистите кои истото тоа оружје што нивниот народ им го дал го свртеа против народот. Кога сето ова ќе го земете предвид, ќе можете да се уверите како вистински се живее демократијата. Дотогаш, демократијата за другите земји коишто само обвинуваат, а не се погледнуваат себеси, е мисловна именка. За волја на вистината, Турција сега врти нова страница во својата историја, која самиот народ ја пишува.