Elena Trenchevska Chekovikj
02 Јуни 2026•Ажурирано: 02 Јуни 2026
Европа била најсилна кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности, рече претседателот на Владата на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, јавува Анадолу.
На прес-конференцијата, по средбата, Мицкоски рече дека разговорите со Кошта се фокусирале на евроинтеграциите, реформите и економската соработка.
Тој ја оцени посетата на Кошта како важна за регионот и за очекувањата на граѓаните.
„Имавме отворена, искрена и суштинска средба. Разговаравме за нашата европска иднина, за реформите, економијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека граѓаните предолго се соочуваат со неизвесност и чекање, нагласувајќи дека денес е потребно лидерство, јасност и доверба.
„Европа била најсилна кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности“, додаде премиерот.
Според него, евроинтеграциите не се само политички процес, туку директно влијаат врз животниот стандард на граѓаните.
„Европската интеграција значи подобро образование, здравство, ефикасни институции и сигурна иднина дома, а не надвор“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата останува посветена на реформите и резултатите, како и на партнерски и искрен дијалог со Европската Унија.
„Верувам во партнерство, во искрен разговор и заемно разбирање“, рече Мицкоски, заблагодарувајќи му се на Кошта за посетата.
- Кошта: Проширувањето е заедничка цел -
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од своја страна порача дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија, нагласувајќи дека проширувањето останува заедничка цел.
„Проширувањето е наша заедничка цел, а иднината на Северна Македонија цврсто припаѓа во Европската Унија“, изјави Кошта.
Тој ги поздрави реформските напори на земјата, оценувајќи дека има „опиплив напредок“ во владеењето на правото и јавната администрација, како и целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
„Тоа испраќа сигнал за стратешката ориентација на Северна Македонија“, рече Кошта.
„Ние сакаме формално ги отвориме преговорите со Северна Македонија што е можно побрзо“, додаде тој.
Сепак, тој потенцираше дека патот кон членство бара исполнување на веќе договорените обврски.
„За Северна Македонија усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори“, нагласи претседателот на Европскиот совет.
Тој додаде дека процесот на проширување е заснован на заслуги и се одвива чекор по чекор, во рамки на веќе утврдената преговарачка рамка.
„Она што е договорено е договорено и мора да се испорача“, порача Кошта.
„Посветени сме да ве поддржиме понатаму, и политички и финансиски. Но, моќта да ја обликувате иднината е во ваши раце“, додаде тој.
Тој на новинарско прашање Кошта одговори дека нема простор за нови услови надвор од веќе договореното од 2020 и 2022 година, нагласувајќи дека рамката за преговори е јасно дефинирана.
„Не зависи од мене да носам одлуки во име на Северна Македонија. Имаме одобрена рамка и таа мора да се испочитува“, рече тој.
Истакна дека напредокот кон ЕУ зависи од конструктивниот дијалог со соседите и од спроведувањето на реформите.
Средбата во Скопје заврши со пораки за продолжување на соработката и реформските процеси, при што и двете страни ја нагласија важноста на евроинтеграциите за иднината на земјата и стабилноста на регионот.