Анализа на вести

„Пресудата по жалбата против Младиќ ќе биде пресуда на една ера“

Неправдата не може да остане нерешена доколку сакаме - како земја и регион - да избегнуваме периодични и скоро редовни судири кои нè враќаат сите нас со генерации наназад

Dr. Emir Suljagic  | 08.06.2021 - Обновена : 09.06.2021
„Пресудата по жалбата против Младиќ ќе биде пресуда на една ера“

Пишува: Емир Суљагиќ

- Авторот е директор на Меморијалниот центар во Сребреница. Тој е вонреден предавач на Отсекот за меѓународни односи на Меѓународниот универзитет во Сараево (IUS). Суљагиќ е и автор на две книги: „Етничко чистење: политика и насилство - српската кампања за етничко чистење во поранешна Југославија“ и „Разгледница од гробот“.

СРЕБРЕНИЦА (АА) - Сè уште се сеќавам каде бев кога Ратко Младиќ беше поставен за командант на побунената војска на босанските Срби во мај 1992 година. Како сè уште да гледам како се собираме околу транзисторот на радиото и слушаме вести од Бања Лука, каде што седницата на Собранието на босанските Срби ја запечати судбината на многу луѓе околу мене. Сè уште се сеќавам на мрачното претчувство додека постарите луѓе размислуваа за нашите следни чекори, сокривајќи се во овоштарниците и шумите на малиот рид над селото. Се сеќавам на поголем дел од мажите, бидејќи не преживеаја. Веројатно сум единствен преживеан сведок на настаните кои нема да бидат сместени ниту во фуснотата на историјата.

Три години подоцна, го запознав Ратко Младиќ. Тоа се случи пред базата на ОН во Поточари, во која се наоѓаше холандскиот контингент (Dutchbat) при УНПРОФОР, мисијата на ОН во Босна и Херцеговина. Ме придружуваа двајца воени набљудувачи на ОН, едниот од Холандија, другиот од Гана. И двајцата јасно видоа што се случува, за разлика од повисоките ешалони на Дачбат кои се обидоа да ги смират десетиците илјади што пристигнаа во Поточари барајќи заштита, со што се олесни работата што Србите имаа намера да ја направат: „селекција“ и разделување на мажите и момчињата, депортација на жените и децата, опортунистички убиства на мажите и силување на жените. За разлика од илјадници други, јас го напуштив тој состанок жив. Преживеав главно затоа што носев „жолта картица“ - етикета на локален преведувач за целата мисија - и затоа што двајцата со кои бев не заминаа и не ме оставија сам со луѓето на Младиќ.

Ден претходно, на 11 јули, кога градот дојде во рацете на Младиќ, ги известив моите работодавци од блиската Сребреница и успеав да се вратам во базата на ОН точно навреме за да ги избегнам српските трупи. Она што го направив тој ден - денот околу кој се врти целиот мој живот - навистина стана историска фуснота. Во извештајот вреден повеќе милиони долари од 2002 година, „Сребреница - реконструкција, позадина, последици и анализа на падот на „безбедното“ подрачје, холандскиот Институт за војна, холокауст и студии за геноцид ја опишува мојата незначителна средба со историјата на следниот начин:

„Суљагиќ предложи враќање во Сребреница затоа што воените набљудувачи на ОН во Поточари немаа пристап до информациите за случувањата во градот. Тој тврдеше дека набљудувачите на ОН нема да се осмелат да се вратат. Потоа побара мапа и воки-токи и рече дека ќе оди сам. Воените набљудувачи на ОН сметаа дека полудел, но тие беа среќни што доброволно се пријавил бидејќи можел да ги ажурира. Холандскиот мајор Де Хан му понуди мапа, радио и наполнети батерии и му рече дека ќе работи целосно независно и дека нема да прифати никаква одговорност за него. Емир Суљагиќ избегнувајќи го гранатирањето, по долината на реката се врати во Сребреница. Тој продолжи да известува од зградата на ПТТ, УНХЦР, МСФ и од болницата до околу 19 часот истата вечер.“

Немам направено скоро ништо, а сепак никогаш нема да направам нешто поважно.

Колку холандските војници гледаа настрана во Сребреница, толку целиот свет тогаш го вртеше погледот од Босна повеќе од три цели години. Всушност, меѓународната заедница - во форма на Совет за безбедност на ОН - им даде клучна предност на масовните убијци во Босна и Херцеговина со усвојување на Резолуцијата 713 во септември 1991 година и со воведувањето на ембаргото за оружје, обезбедувајќи огромна нерамнотежа на оружјето во корист на српскиот националистички проект во Босна и Херцеговина и Хрватска. Првин признавајќи ја Босна и Херцеговина, а потоа одземајќи ѝ го правото на самоодбрана предвидено со член 51 од Повелбата на ОН, меѓународната заедница - особено Советот за безбедност на ОН - го продолжи насилството и создаде повеќе огорчени непријателства. Активно ја олеснуваше монструозноста што ја остави Ратко Младиќ зад себе, од Книн и Шибеник во Хрватска до Сараево и Сребреница во Босна и Херцеговина.

Со гест со кој си го спаси образот, помалку од две години подоцна, истото тело формираше Трибунал на ОН за соочување со сериозните прекршувања на меѓународното хуманитарно право што во поранешна Југославија ги извршија луѓе на кои истите тие Обединети нации им даваа предност во вооружувањето, со што се остварени условите за суштинска неодбранливост потребна за масовно убиство. Сепак, тие одбија да го укинат ембаргото дури и по падот на Сребреница.

Пресудата за жалбата против Ратко Младиќ во тој поглед воедно е и пресуда на една ера.

Ратко Младиќ помина важен дел од својот живот земајќи од други луѓе. Земајќи им ги луѓето што ги сакаа. Кога ќе замине засекогаш, неговото животно дело и понатаму ќе биде со нас. Тоа ќе продолжи да ја труе иднината додека не се пресмета со него. Неправдата не може да остане нерешена доколку сакаме - како земја и регион - да избегнуваме периодични и скоро редовни судири кои нè враќаат сите нас со генерации наназад.

* Мислењата изразени во текстот му припаѓаат на авторот и нужно не ја одразуваат уредничката политика на Агенција Анадолија (AA).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.