„Фрлањето на нуклеарна бомба на Газа е една од опциите на Израел“, рече израелскиот министер Елијаху
- „Секој кој виори со палестинско или хамасово знаме не би требало да продолжи да живее на Земјата“, рече израелскиот министер за наследство, Амичаи Елијаху
АНКАРА (АА) - Израелскиот министер за наследство, Амичаи Елијаху, утринава рече дека и фрлањето на нуклеарна бомба на Појасот Газа е една од можните опции, пренесува Анадолу.
„Една од опциите на Израел во војната во Газа е да фрли нуклеарна бомба во Појасот“, рече Елијаху, министер од екстремната десничарска партија „Оцма Ехудит“ (Otzma Yehudit).
Весникот „Times of Israel“ објави дека Елијаху во интервју за локалните медиуми рекол дека се противи на дозволувањето на минување на каква било хуманитарна помош во Газа.
„Нема на нацистите да им даваме хуманитарна помош“, рекол министерот и додал дека нема „неинволвирани цивили во Газа“.
Министерот на екстремната десница рекол и дека палестинското население може да замине во Ирска или во пустина и дека „чудовиштата“ во Газа треба да изнајдат решение.
„Секој кој виори со палестинско или хамасово знаме не би требало да продолжи да живее на Земјата“, рече Елијаху.
Во меѓувреме, опозицискиот лидер Јаир Лапид повика на смена на Елијаху поради неговата изјава.
Лапид изјавата ја нарече „шокантна и луда изјава на неодговорен министер“.
„Тој им нанесе штета на семејствата на киднапираните, му наштети на израелското општество и му наштети на нашиот меѓународен углед“, рече Лапид на социјалната мрежа Х.
„Присуството на екстремистите во Владата нѐ загрозува нас и успехот на воените цели, поразот на Хамас и враќањето на сите киднапирани“, додаде опозицискиот лидер.
Лапид нагласи и дека премиерот Бенјамин Нетанјаху мора под итно да го отпушти.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
