Претседателот на турскиот Парламент: Територијалниот интегритет на Сирија не е за преговарање
„Турција ќе продолжи да ги поддржува единството и обновата и подготвена е да обезбеди секаков вид поддршка за обнова на институциите, граничната безбедност и борбата против тероризмот“
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на турскиот Парламент, Нуман Куртулмуш, вчера изјави дека територијалниот интегритет и националниот суверенитет на Сирија не се за преговарање, јавува Анадолу.
Тој истакна дека партиципативниот систем, правичната застапеност за сите групи и демократска Сирија ќе бидат „осигурување за регионот“.
Во соопштението објавено на социјалните мрежи, Куртулмуш рече дека Турција внимателно ги следи и ги цени чекорите преземени во процесот на интеграција на Сирија.
Тој додаде дека целосното почитување на меморандумот потпишан меѓу сириската Влада и терористичката организација ЈПГ/СДФ на 10 март 2025 година и на одредбите од договорот од 30 јануари ќе донесе мир во Сирија и стабилност во регионот.
„Со спроведувањето на обврските ќе се постигне вистински мир“, рече тој.
Нарекувајќи ја целта на договорот за постепена воена и административна интеграција „голема можност“, тој рече дека тоа би можело да го зајакне државниот капацитет на Сирија и да отвори врата за нова безбедносна архитектура.
Тој нагласи дека ниеден идентитет или верување не треба да се исклучува и дека секој сириски граѓанин мора да има „чесно и безбедно“ место во политичкиот систем, предупредувајќи дека фрагментацијата и посредничките структури не носат мир.
„Сирија им припаѓа на Сиријците“, рече тој.
„Турција ќе продолжи да ги поддржува единството и обновата и подготвена е да обезбеди секаков вид поддршка за обнова на институциите, граничната безбедност и борбата против тероризмот“, додаде Куртулмуш.
