Хирург кој го „кроти“ времето: Со поправка на часовници ги подготвува вештите раце за сложени операции
- Изведувајќи исклучително сложени операции, особено при реплантација на екстремитети и ортопедски заболувања, тој пред секој зафат поправал часовници за да ја вежба прецизноста на рацете...
ИЗМИР (АА) - ТЕЗЏАН ЕКИЗЛЕР
Специјалистот по ортопедија и трауматологија, д-р Ахмет Савран, ги подготвува вештите раце за најсложените оперативни зафати вршејќи сервисирање на механички рачни часовници, кои ги собира со години, јавува Анадолу.
42-годишниот Савран, кој живее во Измир, го носи интересот за механичките часовници уште од детството, благодарение на подарокот од неговиот дедо. Како дете, во слободното време по училиштето, младиот Савран помагал во столарската работилница на својот татко Хусеин Савран во Ескишехир, внимателно штедејќи ја секоја неделна плата за да купи нов механички часовник.
Во средношколските денови решил да стане хирург, а дипломирајќи на Медицинскиот факултет „Докуз Ејлул“ во 2008 година, Савран ја преточил својата страст во професија. Специјализирал ортопедија во болницата за обука и истражување „Тепеџик“, а подоцна станал и специјалист по хирургија на рака на Универзитетот „Катип Челеби“ во Измир.
Уште во студентските денови, Савран почнал да ги расклопува и поправа часовниците од својата колекција, при што забележал дека тоа позитивно се одразува на неговата професија.
Изведувајќи исклучително сложени операции, особено при реплантација на екстремитети и ортопедски заболувања, тој пред секој зафат поправал часовници за да ја вежба прецизноста на рацете. При сервисирањето користи специјална опрема, вклучувајќи хируршки очила и микроскоп.
Савран во неговата „архива на времето“ чува околу 700 рачни часовници, набавени преку аукции или истражувања на интернет.
- „Потребен е тренинг на рацете“ -
Д-р Ахмет Савран за Анадолу (АА) изјави дека во неговата колекција има и џебен часовник од 1850 година, а сè уште го чува и механичкиот часовник што му го подарил дедо му.
Нагласувајќи дека хирурзите мора постојано да ја негуваат вештината на своите раце, Савран додаде:
„За таа цел може да се цртаат слики или геометриски форми. Постојат многу различни методи, но одржувањето на часовниците е многу логичен метод бидејќи часовникот работи и се движи. Денес, модерната медицина ни овозможува да оперираме рака додека пациентот е буден и ја движи. Тоа е исто како да поправате одредени работи додека часовникот сè уште отчукува.“
Савран објасни дека за време на сервисирањето користи хируршки очила, исто како при операција, и дека додека работи на часовниците, се чувствува како да е во операциона сала.
Изразувајќи желба во иднина да отвори музеј на часовници, тој додаде: „На крајот, еден Ахмет Савран ќе помине. Ако оставам нешто зад себе, тоа е да ја вкоренам љубовта кон часовниците во Турција. Ми треба уште малку време за да созрее идејата за музеј.“
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
