Турција

Истанбул домаќин на руската и украинската делегација за мировни преговори

Експертите сметаат дека Истанбул е најсоодветна локација за обновени директни преговори меѓу Русија и Украина по три години поради последните напори на Турција за постигнување праведен и траен мир

Aida Cako  | 15.05.2025 - Обновена : 15.05.2025
Истанбул домаќин на руската и украинската делегација за мировни преговори

ИСТАНБУЛ (АА) - Руската и украинската делегација треба да се сретнат денес во Истанбул за мировни преговори, со цел да се стави крај на тековната војна, што означува обновен дипломатски напор олеснет од Турција, јавува Анадолу.

Експертите сметаат дека Истанбул е најсоодветна локација за обновени директни преговори меѓу Русија и Украина по три години поради последните напори на Турција за постигнување праведен и траен мир.

Вниманието се насочи кон преговорите што денес треба да се одржат во Истанбул откако рускиот претседател Владимир Путин предложи безусловни и директни преговори со Украина.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски потврди дека ќе присуствува на преговорите во Турција, а во рамките на овие настани турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја повтори поддршката на Анкара и изјави дека Турција е подготвена да биде домаќин, со цел постигнување праведен и траен мир.

Неуспешните преговори одржани во Истанбул во април 2022 година, само два месеца по почетокот на војната, сè уште се сметаат за пропуштена можност.

- Војната меѓу Русија и Украина и преговорите -

Војната, која започна на 24 февруари 2022 година со нападот на Русија врз Украина, доведе до делумна анексија на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје.

Со анексијата на Крим во 2014 година Украина изгуби околу една петтина од својата територија.

САД и европските земји ѝ дадоа значителна воена и економска поддршка на Украина и воведоа строги санкции за Русија.

По првичните средби во Белорусија, министрите за надворешни работи на Русија и Украина се сретнаа на 10 март 2022 година на Дипломатскиот форум во Анталија. Турција повторно ги собра страните на 29 март во Истанбул.

Сепак, постигнатиот консензус пропадна поради обвинувањата за убивање цивили во Буча и наводите дека Велика Британија и САД се спротивставиле на договорот.

И покрај ескалацијата на конфликтот, Турција продолжи со мировните напори и во соработка со Обединетите нации успеа да го постигне меѓународно признатиот Договор за извоз на жито преку Црно Море.

Ердоган, како еден од ретките лидери што може да разговара со двете страни, продолжува да нуди посредништво.

Со изборот на Доналд Трамп за претседател на САД дипломатската активност повторно доби интензитет.

На 11 мај рускиот претседател Путин предложи продолжување на прекинатите директни преговори без предуслови и побара од Турција да биде домаќин на преговорите во Истанбул на 15 мај. Украина позитивно одговори на предлогот.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.