Kако последица на сириската криза бројот на раселени може да порасне за уште најмалку шест милиони
„Доколку сириската криза продолжи уште една деценија и конфликтот, несигурноста и економското влошување продолжат без намалено темпо, може да дојде до раселување на уште шест милиони лица“

АНКАРА (АА) - Уште најмалку шест милиони лица во Сирија може да бидат раселени доколку кризата продолжи уште една деценија, соопшти независна хуманитарна група, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Доколку сириската криза продолжи уште една деценија и конфликтот, несигурноста и економското влошување продолжат без намалено темпо, може да дојде до раселување на уште шест милиони лица“, се вели во соопштението на Норвешкиот совет за бегалци (NRC), во кое се најавува нов извештај за ова прашање.
„Десет години од почетокот на најголемата криза со раселување по Втората светска војна, анализата на Норвешкиот совет за бегалци (NRC) покажува дека во просек, секоја година околу 2,4 милиони лица се раселувале во и надвор од Сирија“, се вели во соопштението.
„Околу 467.000 лица се вратија во своите домови во Сирија во текот на изминатата година, додека 1,8 милиони лица се новораселени, што значи дека за секое лице кое се вратило во својот дом, речиси четири повеќе лица биле раселени“, се вели во соопштението на Норвешкиот совет за бегалци (NRC).
Раселените Сиријци околу регионот ја изгубија надежта за враќање во своите домови и „повеќе беа загрижени за тоа како ќе донесат храна на трпезата за своите семејства, ќе плаќаат кирија или ќе се грижат за медицинските трошоци отколку да замислуваат иднина дома“.
„Колку подолго оваа криза ќе остане нерешена, толку повеќе очекуваме економската сиромаштија да стане истакнат фактор на притисок за понатамошно раселување“, рече генералниот секретар на Норвешкиот совет за бегалци (NRC), Јан Егеланд.
„Сепак знаеме дека повеќе земји со влијание ѝ го вртат својот грб на Сирија. Тие треба да излезат од својата удобност и да преземат конструктивен чекор во поддршка на милионите Сиријци кои зависат од виталната помош и се залагаат за крај на конфликтот.“
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.
Инаку, Турција згрижи 3,6 милиони сириски бегалци, најмногу од која било друга земја во светот.