Хеликоптер на мировните сили на Африканската унија се урна на сомалискиот аеродром
Претставник на цивилното воздухопловство во Могадишу за Анадолу изјави дека хеликоптерот на мировниците превезувал осум лица и се урнал при слетувањето

МОГАДИШУ (АА) - Хеликоптер на Мисијата на Африканската унија за поддршка и стабилизација во Сомалија (AUSOM) се урна денес на Меѓународниот аеродром во Могадишу, главниот град на земјата, изјави официјален претставник, јавува Анадолу.
Претставник на цивилното воздухопловство во Могадишу, кој сакаше да остане анонимен, за Анадолу изјави дека хеликоптерот на мировниците превезувал осум лица и се урнал при слетувањето на аеродромот „Аден Аде“ во Могадишу, а полетал од аеродромот „Балидугл“, каде што се стационирани американски и сомалиски специјални сили.
Тој истакна дека има жртви, без да прецизира колкумина се загинати или повредени во несреќата, но додаде дека спасувачите и пожарникарите се на местото на несреќата и го локализирале пожарот од паднатиот хеликоптер.
Халима Ахмед, жителка на округот Вабари во главниот град, за Анадолу изјави дека видела како од аеродромот се шири густ чад.
Неколку летови биле одложени при инцидентот, но аеродромот, како што се наведува, продолжил нормално да работи.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.