свет

„Си-ен-ен“ објави нови снимки што го поврзуваат Трамп со Џефри Епстин

- Во извештајот беа прикажани фотографии од присуството на Епстин на свадбата на Трамп со Марла Мејплс во 1993 година во хотелот „Плаза“ во Њујорк.

Diyar Güldoğan  | 23.07.2025 - Обновена : 24.07.2025
„Си-ен-ен“ објави нови снимки што го поврзуваат Трамп со Џефри Епстин

ВАШИНГТОН (АА) – „Си-ен-ен“ објави ексклузивен извештај со новооткриени архивски фотографии и видеа кои ја прикажуваат поранешната врска помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и озлогласениот финансиер и сексуален престапник Џефри Епстин, јавува Анадолу.

Во извештајот беа прикажани фотографии од присуството на Епстин на свадбата на Трамп со Марла Мејплс во 1993 година во хотелот „Плаза“ во Њујорк.

Дополнително, видеоснимка од моден настан на „Викторијас сикрет“ во 1999 година, исто така во Њујорк, прикажува како Трамп и Епстин се смеат и разговараат непосредно пред започнувањето на ревијата, наведува„Си-ен-ен“.

Извештајот беше објавен во момент кога сè поголемо внимание се насочува кон минатите односи на Трамп со Епстин.

Одлуката на американското Министерство за правда да ги задржи долгоочекуваните документи поврзани со истрагата за Епстин предизвика негодување дури и кај поддржувачите на Движењето „Направете ја Америка повторно голема“ (МАГА), каде што постоеја очекувања дека документите ќе откријат детали за соучесниците на Епстин.

Кога „Си-ен-ен“ го прашале Трамп за фотографиите од свадбата, тој одговорил: „Се шегувате?“, пред да ги обвини за лажни вести и да им спушти слушалка.

Портпаролот на Белата куќа, Стивен Чеунг, за „Си-ен-ен“ изјави: „Станува збор за снимки и фотографии од јавни настани кои се надвор од контекст, кои на одвратен начин се користат за да се сугерира нешто злонамерно.“

„Факт е дека претседателот го избрка Епстин од неговиот клуб затоа што се однесувал непримерно. Ова е уште една лажна вест создадена од демократите и либералните медиуми“, додаде Чеунг.

Епстин се самоуби во затворска ќелија во Њујорк во август 2019 година, додека го чекаше судењето за трговија со луѓе за сексуални цели. Неговата смрт беше официјално прогласена за самоубиство, но истата предизвика бран теории на заговор поради неговите добро документирани врски со познати и моќни личности.

Во вторникот, федерален судија им даде рок од една недела на официјалните лица од Министерството за правда да објаснат зошто сведочењата на големата порота во случајот на Епстин не треба да бидат објавени.

Одделно, претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, објави дека Конгресот ќе оди на летен одмор порано, блокирајќи ги обидите на демократите да иницираат гласање за објавување на истражните документи поврзани со Епстин.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.