свет

„Се чинеше дека кошмарот не може да биде полош, сепак тоа се случува“, истакна шефот за човекови права на ОН за Газа

- „Најновите израелски наредби за раселување, проследени со интензивни напади врз југозападен Деир ел-Балах, во Појасот Газа, додадоа уште поголема беда на страдањето на гладните Палестинци“, истакна Волкер Турк, шефот за човекови права на ОН

Beyza Binnur Dönmez  | 22.07.2025 - Обновена : 22.07.2025
„Се чинеше дека кошмарот не може да биде полош, сепак тоа се случува“, истакна шефот за човекови права на ОН за Газа

ЖЕНЕВА (АА) - Шефот за човекови права на Обединетите нации (ОН), Волкер Турк, денес остро предупреди на најновите напади и копнени операции на Израел во Деир ел-Балах, Газа, велејќи дека новиот бран наредби за раселување и нападите ја влошуваат веќе катастрофалната хуманитарна криза, јавува Анадолу.

„Најновите израелски наредби за раселување, проследени со интензивни напади врз југозападен Деир ел-Балах, во Појасот Газа, додадоа уште поголема беда на страдањето на гладните Палестинци“, рече Турк во соопштението.

„Се чинеше дека кошмарот не може да биде полош. А сепак тоа се случува“, вели тој.

Турк изрази голема загриженост во врска со тековните израелски воздушни напади и копнени операции, особено во областите кои се густо населени со цивили и хуманитарни објекти.

„Овие израелски воздушни напади и копнени операции неизбежно ќе доведат до дополнителни цивилни жртви и уништување на цивилната инфраструктура“, предупреди тој.

„Со оглед на големиот број цивили во областа и средствата и методите на војување што ги користи Израел досега, ризиците од убиства и други сериозни кршења на меѓународното хуманитарно право се исклучително високи“, додава тој.

Тој истакна дека во областа којашто е под напад, се наоѓаат неколку хуманитарни организации, вклучувајќи медицински клиники, засолништа, складишта и јавни кујни. Домовите веќе се уништени, а илјадници други лица се принудени повторно да избегаат, барајќи засолниште во деловите од Газа коишто се пренаселени, каде што пристапот до помош е сериозно ограничен.

„Дури и овие области не се безбедни“, рече Турк.

„Го потсетувам Израел дека трајното раселување на луѓето што живеат под негова окупација би претставувало незаконско преместување, што е воено злосторство, а во одредени околности може да претставува и злосторство против човештвото.“

Во рамките на меѓународното право, Израел, како окупаторска сила, е должен да обезбеди основните залихи - вклучувајќи храна и медицинска помош - да стигнат до цивилите.

Турк нагласи дека хуманитарниот пристап мора да биде „итен и безусловен“.

„Наместо да се започнуваат нови воени напади, мора веднаш да се стави крај на убиствата, уништувањето и кршењата на меѓународното право од широки размери“, рече тој и додаде: „Сè повеќе земји се приклучуваат на повиците да нè извлечат од овој кошмар“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın